Андреј бил прекрасно момче и по тело и по душа. Теогност го засакал Андреја и го дал да се школува. Андреј усрдно се молел на Бога и со љубов ги посетувал црковните богослужби. Кога му се случило некое небесно јавување, тој се решил на подвигот безумство заради Христа. И еднаш, кога отишол по вода од бунарот, тој ги искинал и со ножот ги исекол алиштата на себе и се направил безумен. Разжалостен заради тоа, неговиот господар Теогност го врзал со синџири и го однесол во Црквата на св. Анастасија да му се читаат молитви. Но како Андреј не се поправил во очите на својот господар, бил пуштен на слобода како безумен, и умноболен.
Свети Андреј дење се преправал како безумен а ноќе цело време се молел на Бога. Живеел без покрив и засолниште. Ноќевал во полето, одел полугол во една искината облека, јадел по малку леб кога добрите луѓе ќе му даделе. Од она што го добивал тој им делел на просјаците и тоа кога ќе им дадел ги карал за да не му благодарат, бидејќи целата награда свети Андреј ја очекувал од Бога. Затоа и големата благодат Божја се вселила во него, та можел да прозира во човечките тајни, гледал ангели и ѓаволи, ги гонел демоните од луѓето, ги одвраќал луѓето од гревот. Имал преубави виденија за Рајот и највозвишените небесни Сили; Го видел Господа Христа на престолот на славата; со својот ученик Епифаниј ја видел Пресвета Богородица во Црквата Влахерна како со својот покров го покрива родот христијански (види, Покров на Богородица); слушнал на небесата неискажани зборови што не смеел да им ги повтори на луѓето.
После многу тешки подвизи, се упокоил во 911 година и се преселил во вечната слава на својот Господ.