По давањето заклетва, новиот претседател ќе го има својот прв говор во парламентот
Претседателот Ѓорге Иванов, утре точно напладне, ќе ја преземе функцијата шеф на државата од досегашниот претседател Брано Црвенковски.
Според сценариото, Црвенковски, чиј мандат завршува токму утре, придружуван од гардата на Армијата на Република Македонија, ќе го пречека Иванов на главниот собраниски влез и заедно ќе влезат во пленарната сала.
Свечената седница почнува точно напладне со интонирање на македонската химна. Потоа, Иванов ќе даде изјава пред Собранието, со која ќе се обврзе дека во наредните пет години совесно и одговорно ќе ја води државата. По давањето заклетва, новиот претседател ќе го има својот прв говор во парламентот. На чинот на инаугурацијата ќе присуствуваат и премиерот Никола Груевски и владиниот кабинет, а поканети се и претставници на судството и на верските заедници, членови на дипломатскиот кор во земјата. По свечената седница и коктелот во Кристалната сала, Иванов ќе го испие претседателското кафе со Црвенковски.
Иванов, веднаш по инаугурацијата, ќе замине во новиот претседателски кабинет на Водно. Денеска, треба комплетно да бидат уредени новите работни простории на шефот на државата во Вилата Анекс, која се наоѓа во непосредна близина на вилата во која престојуваа досегашните претседатели со своите семејства.
Со Кабинетот на Иванов, ќе управува Дарко Ангелов, кој досега работеше за Советот на Европа и за ОБСЕ, а соработувал и со македонската влада и со Меѓународна кризна група. Ангелов, дипломирал меѓународни односи и политички науки на Универзитетот Утрехтт во Холандија и на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта, Унгарија. Функцијата раководител на Одделението за односи со јавност му е понудена на Љубен Тевдовски, кој сега е ангажиран во Министерството за надворешени работи, а во ова одделение ќе биде ангажиран и новинарот Цветин Чилиманов.
Новоизбраниот претседател на Ѓорге Иванов на четвртите претседателски избори во Македонија, освои 453.616 гласови, поразувајќи го кандидатот на СДСМ, Љубомир Фрчкоски.
Иванов е роден 1960 година во Валандово каде завршил основно и средно образование. Во 1982 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Постдипломски студии завршил на Правниот факултет и магистрирал во 1994 година со тезата: Цивилно општество - стара тема, нови контрадикции. Во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје со одбрана на дисертацијата - Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Македонија. Од 1988 до 1995 година работел како уредник во Третата програма на Македонското радио. Во 1995 е избран за асистент на Правниот факултет во Скопје а во 1998 за доцент на предметите Политички теории и Политичка филозофија. Во 1999 година е избран за визитинг професор на постдипломските студии за Југоисточна Европа на универзитетот во Атина. Од 2000 година е член на Советот на директори на европските постдипломски студии за демократија и човекови права на универзитетот во Болоња и координатор на курсот за демократија, што се изведува на универзитетот во Сараево. Од 2001 година е раководител на Политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 е избран за вонреден професор. Во 2008 е избран за редовен професор. Од 2004 до 2008 бил продекан на Правниот факултет. Од 2008 година е претседател е на Одборот за акредитација на високото образование на Македонија.
Досегашни претседатели на Македонија
Прв претседател на Република Македонија е Киро Глигоров, кој функцијата претседател на Републиката ја извршува два мандата од 1991 до 1999 година. Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Белград. Учесник е во Народноослободителната борба од 1941 година.
Бил член на АСНОМ. Во Президиумот на АСНОМ бил одговорен за финансии (повереник за финансии). За претседател на РМ е избран на 27 јануари 1991 година , а по втор пат на 19 ноември 1994 година. Функцијата претседател на Републиката ја врши до 19 ноември 1999 година.
Борис Трајковски беше претседател на Републиката почнувајќи од 15 декември 1999 година. Тој е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје 1980 година, специјализирал деловно право и право на работни односи. Инаугуриран е како втор по ред претседател на Република Македонија на 15 декември 1999 година. Оваа функција ја извршува се до трагичната несреќа на 26 февруари 2004 година.
УТРЕ ВО СКОПЈЕ
Посебен сообраќаен режим
Министерството за внатрешни работи, заради претстојната инаугурација на новоизбраниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов утре ќе преземе засилени мерки на обезбедување и посебен режим на сообраќајот, на сообраќајниците каде ќе се движат високите гости и делегации.
Сообраќајот на ул. "11 Октомври" пред Собранието во периодот од 11.00 до 14.00 часот, ќе биде пренасочен по околните сообраќајници, информираат од МВР.
И КОСОВСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ИНУГУРАЦИЈАТА НА ИВАНОВ
Сејдиу поканет
Косовскиот претседател Фатмир Сејдиу добил покана да учествува на свечената инаугурација на претседателот Ѓорге Иванов, која ќе се одржи на 12 мај.
Спикерот на собранието Трајко Велјановски, кој е домаќин на церемонијата, под притисок на реакциите од јавноста ја испратил поканата до Сејдиу, но од кабинетот на косовскиот претседател засега нема потврда дали тој ќе учествува на настанот.
Претседателот на Собранието првично не го покани Сејдиу, а според информациите во медиумите, главната причина за ваквата одлука било најавеното присуство на српскиот претседател Борис Тадиќ во Скопје. Непоканувањето на косовскиот претседател предизвика остри реакции кај албанскиот опозициски блок во земјава.
ДПА веќе најави дека ќе ја бојкотира инаугурацијата на новиот претседател, бидејќи според нив тој немал легитимитет кај Албанците. И пратениците на Нова демократија најавија бојкот поради непоканувањето на Сејдиу.
На церемонијата официјално беа поканети српскиот претседател Тадиќ, албанскиот Бамир Топи, хрватскиот Стипе Месиќ, црногорскиот Филип Вујановиќ, грчкиот Каролос Папуљас, бугарскиот Георги Парванов, турскиот Абдула Ѓул, како и претседателот на Босна и Херцеговина Небојша Радмановиќ.
(Г. Г.)
11.05.2009