Ова им го овозможува договорот за соработка со Европската организација за нукеларни истражувања што вчера во Женева, каде што е и седиштето на оваа институција, го потпиша премиерот Никола Груевски. Македонија со потпишување на договорот за соработка со оваа европска организација позната како ЦЕРН и официјално стана членка на реномирана научна Меѓународна организација. Со ова на македонските научници ќе им биде овозможено и директно да се запознаваат со врвните светски достигнувања од оваа област. Соработката ќе се одвива на неколку нивоа: соработка со студенти, обука на наставници од средни училишта, како и формирање на групи за истражувања.
-Вклучувањето во оваа организација е голем чекор напред за земјата што е толку вклучена во науката. Ова ќе придонесе за развој на научната и истражувачката дејност и за усовршување на идните научници, изјави првиот човек на ЦЕРН, Ролф Хојер.
Премиерот Груевски по потпишување на договорот истакна дека со ова ќе се овозможи не само научна соработка и напредок, туку и ќе придонесе за повеќе донации за науката поточно за лаборатории, опрема и сл. процес што Македонија веќе го започна.
-Македонија продолжува со инвестиции во образованието. А тоа пак повлекува и зголемени инвестиции во науката, вели Груевски.
На потпишување на договорот присуствуваше и вицепремиерот Ивица Боцевски кој во таа прилика укажа дека македонската научна заедница со овој договор ќе има можност да си го најде местото и да се легитимира во глобалната научна заедница.
Дека Македонија има знаење и капацитет говори и примерот на Македенцот Златко Димчовски, кој целиот свој животен век го посветил на работата во ЦЕРН каде е сега истакнат научник. Тој објаснува дека со потпишување на овој договор ќе се овозможи директна поврзаност на Македонија со овој светски научен центар преку компјутери на неколку локации во земјата. Со тоа ќе се овозможи да се даваат податоци и задачи а за кои ќе се добива решение.
Во првите три години Македонија ќе учествува во истражувањата а ќе нема обврска да одвојува средства за буџетот на ЦЕРН, тоа може да се случи потоа но и тогаш средствата би биле симболични во однос на она што ќе го добива од членството.
Македонската делегација предводена од премиерот Груевски за време на посетата на седиштето на ЦЕРН ја посети најпрочуената светска лабораторија каде научниците ја симулираат вселената на земјава. Ова се случува преку акцелераторот сместен во тунел долг 27 километри на 100 метри под земја, во близина на швајцарско-француската граница.
Членството на Македонија и во оваа Меѓународна организација не помина без обиди за блокада од страна на Грција. Официјална Атина се обидувала со лобирање да го опструира членството на Македонија, но безуспешно. Одговорот на нивното лобирање и барање да се одбие членството на земјава бил дека тоа нема да биде возможно овојпат бидејќи станува збор за врвна научна институција каде политиката нема влијание, а оти Македонија го заслужува местото во друштвота на овие земји. Договорот за соработка беше потпишан под уставното име.
Специјален известувач од Женева
Слаѓана ДИМИШКОВА
28.04.2009