Вториот македонски филмски фестивал во Лондон почна прексиноќа со прикажувањето на филмот "Тоше - The Hardest Thing" на словенечкиот режисер Боштјан Слатеншек, јави дописникот на МИА од Лондон.
Како гостин на вечерта присуствуваше музичкиот продуцент на Тоше во Велика Британија, Енди Рајт, кој по проекцијата на осумдесетминутниот документарен филм, снимен во Лондон, Скопје, на Јамајка и во Дубровник, како и на мегаконцертите на скопскиот градски стадион и во белградската Арена, кусо зборуваше за својата работа со македонскиот пејач.
- Филмот е тажно потсетување за човекот што го нема повеќе меѓу живите, но Тоше ќе остане засекогаш запаметен по својот талент и по својата веселост и бодрина, рече продуцентот Рајт.
Годинешнава смотра на македонскиот филм во британскиот главен град продолжува со филмот "Контакт" на Сергеј Станојковски, "Среќна Нова 49" на Столе Попов, "Солунските атентатори" на Жика Митровиќ, и најновото документарно остварување на Киро Урдин "Вода и оган".
Претпоследната вечер на фестивалот е посветена на македонскиот режисер Антонио Митриќески и на проекцијата на неговиот игран филм "Преку езерото", како и на документарецот "Љубовта на Кочо Топеничаров".
Фестивалот се затвора со филмот "Прашина" на Милчо Манчевски, со проекција во салата на британската Академија за филмска и телевизиска уметност, каде се доделуваат годишните награди БАФТА.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во киносалата "Принц Чарлс", во центарот на Лондон, а за отворен го прогласи Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија. Организатор на фестивалот е културната група "Круг" од Лондон, и нејзиниот уметнички директор Весна Соколовска.
25.04.2009