Она што јасно го кажуваме е дека и совршено чистото досие на земјава не е гаранција за датум за преговори, имајќи ги предвид изјавите од Атина кои не придонесуваат кон евроинтегративниот процес на Македонија, изјави вицепремиерот Ивица Боцевски
По информациите дека висок претставник на Европската комисија претставил непринципелна понуда на македонската Влада или да прифати промена на името со што ќе се олесни евроинтеграцијата на земјава, евроамбасадорот во земјава Ерван Фуере со коментар дека процедурата за зачленување во ЕУ е јасна.
- Процедурите за влез во Европската унија се многу јасни и беа јасни и во изминатите години. Унијата носи одлуки без разлика дали се работи за земји-кандидати или оние кои чекаат датум за почеток на преговори врз основа на препорака од Европската комисија и ова беше многу јасно истакнато во сите разговори со Владата и државните институции, изјави Фуере. Препораките од ЕК, објаснува тој, се базираат на ригорозни и објективни проценки на процесот и манирите во кои земјата ги исполнува критериумите за приближување кон Европската унија. "И токму на тоа сме моментално ангажирани, на проценка на постигнатото, бидејќи станува збор за детален процес кој ние го сфаќаме многу сериозно. Овој извештај е оној кој ќе биде анализиран и претставен на 5 ноември. За нас е многу важно Владата да го прифати овој извештај и се што е во него и прогресот што е направен, но и забелешките, за да може да се фокусира целата енергија на содржината на извештајот", рече Фуере.
Вицепремиерот за европски прашања, Ивица Боцевски пак вели дека владата очекува претстојниот извештај на ЕК да ја отсликува реалната состојба во земјава, а воедно и дека ќе биде основа за понатамошната работа во оваа област.
- Извештајот на Европската комисија за нас ќе биде основа за годишната работа на Македонија врзана со евроинтегративниот процес. Тука во Македонија никој не го доведува во прашање ниту интегративниот процес, ниту интегритетот на европските институции. Она што јасно го кажуваме е дека и совршено чистото досие на земјава не е гаранција за датум за преговори, имајќи ги предвид изјавите кои доаѓаат од нашиот јужен сосед, од Атина и овие изјави не придонесуваат кон евроинтегративниот процес на Македонија, рече Боцевски.
Во меѓувреме денеска и утре ќе се проценува постигнатото во Македонија во процесот на стабилизација и асоцијација. Во земјава ќе се одржи средба на Мешовитиот комитет за стабилизација и асоцијација. Станува збор за редовен состанок што се одржува два пати во текот на годината, на кој претставници од земјава и Брисел го скенираат спроведувањето на обврските од процесот на стабилизација и асоцијација, поточно спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
(С.Д.)