Насловот на втората сторија од „Светло сиво“: „Прекрасен свет“, е инспириран од истоимената песна што една од личностите во филмот ја пее во текот на целото дејство и со тоа ги иритира сите останати. Ринго, тапанар без постојано вработување, живее во постојан судир со сопругата, па најпосле решава да замине од дома земајќи го единственото што му е битно - тапаните натоварени на детска количка. Слава, жена без идентитет, постојано тепана од нејзиниот маж, конечно решава да замине од дома и да започне нов живот.
Досте, хомосексуалец изневерен од момчето, разочаран во љубовта, скита без конкретна цел, барајќи утеха за својата болка. Овие тројцата случајно се сретнуваат и го продолжуваат патот заедно. Доаѓаат до една кафеана со преноќиште и добиваат сместување во заедничка соба со повеќе кревети. Во неа веќе спие еден тотално чуден, изморен клошар. Ринго, Досте и Слава одат во кафеаната, обидувајќи се да добијат храна. Во кафеаната со амбиент од најдолно ниво пее Бранкица, а на нејзиниот шарм не може да му одолее Цветко, кој има само една желба, да ја освои пејачката. Трендафил, келнер што секојдневно се сретнува со секакви губитници, ги нервира гостите со своето однесување. Тројцата новодојдени поврзани еден со друг на нејасен начин и во чудна симбиоза, влегуваат во неверојатни ситуации, барајќи љубов во своите недефинирани животни приказни.
Режија: Јаниќиевиќ Срѓан
Сценарио: Дуковски Дејан
Директор на фотографија: Трпески Апостол
Монтажа: Грбевски Димитар
Продуцент: Мижимаков Панта
Главни улоги: Богдановски Русомир, Иванова Катина, Леви Нино, Михајловски Јовица, Мјаку Бајруш, Ристановски Никола, Трпкова Синоличка, Чамински Александар