Фросина е една од многуте измачени македонски печалбарски жени, кои со мажачката не го добиле вистинското семејно огниште, туку се обремениле со сите проблеми што ги носи животот. По краткотрајните престои на мажот дома, таа раѓа деца кои поради сиромаштијата се кусовечни. Фросина е сама и кога ги раѓа и кога тие умираат. Единствено Климе, нејзиното последно дете, ги совладува сите болести што ги демнат децата и расте пред очите на Фросина како нејзина последна и единствена радост.
Доаѓа војната. Климе заработува ловејќи риба со постарите рибари. Тоа е момче со сите манифестации својствени на неговата возраст. Неговата љубов останува залудна поради различните социјални средини на кои им припаѓаат тој и неговата сакана. Средбата со ранетиот партизан Крсте прави од Климе, дотогашен пасивен симпатизер, активен учесник во борбата против окупаторот. Мајката Фросина останува сама, во постојан страв за животот на синот. Доаѓа и денот кога партизаните влегуваат во градот. Со нив е и Климе, кој доаѓа да ја види својата мајка. По неговото заминување, Фросина ја забележува крвта на своите раце и го бара низ градот, на чии улици се водат борби. Тешко ранетиот Климе умира на рацете на мајка си. Борците заминуваат. Мајката Фросина останува сама во својата болка.
Режија: Нановиќ Воислав
Сценарио: Малески Владо
Директор на фотографија: Билбиловски Киро
Монтажа: Нановиќ Миланка
Главни улоги: Бошкова Мери, Вељановски Петар, Јовановски Ацо, Подерегин Наѓа, Прличко Петре, Џувалековски Илија
Споредни улоги: Бегинов Борис, Видов Тома, Винокиќ Киро, Ќортошев Кирил, Цекова Стојка
Музика: Прокопиев Трајко
Директор на филм: Султански Живко