Оваа долномакедонска област ја сочинувале повеќе градови, меѓу кои се издвојуваат Идоменае, Гортинија и Аталанта. Според архитектурата, урбанизмот, културата и уметноста, тие претставувале економски мошне развиени градови.
Еден од овие градови, за кој повеќето археолози тврдат дека е градот Гортинија, се наоѓа на локалитетот Вардарски рид. Станува збор за повеќеслојна населба и некропола од кои може да се согледа генезата на неговиот севкупен развиток во еден континуитет.
Археолошкиот локалитет се наоѓа на еден рид, на источниот крај на денешна Гевгелија, на десниот брег на реката Вардар. На неговиот јужен дел утврдени се остатоци од фортификација, ѕидови од бројни објекти, меѓу кои доминантно место заземаат остатоците од еден јавен монументален објект од V век пне., ѕидан од масивни камени блокови. Овој дел од градот се наоѓал еден мал трговски центар од III - II век пне. Археолошките наоди укажуваат на постоење на добро опремени работилници за метал, керамика и текстил, како и други објекти со најразлична намена (магацини, дуќани). Откриен е и дел од палата, како и мало куќно светилиште со подвижни наоди. Откопаните градби и нивниот распоред укажуваат на град со неправилен урбанистички план.
Меѓу многубројните подвижни наоди откриени на оваа локација, особено е интересен и значаен нумизматичкиот фонд. Него го сочинуваат откриените монети на сите македонски владетели, меѓу кои најбројни се сребрените тетрадрахми, а од посебно значење се монетите на првиот македонски крал Александар I и на Ореските (крајот на VI- V век пне), што претставуваат исклучително ретки наоди.
Од керамичките наоди најзастапени се теракотните претстави на одделни божества, разни антропоморфни и зооморфни фигури, како и други предмети од керамика, сите од домашно производство. Откриените малубројни примероци на увезена керамика датираат од V до IV век пне.
Од металните подвижни наоди, најкарактеристично е оружјето, потоа накитот и алатите, големиот број клучеви, кујнски прибор и тн.
|