Вака коментира професор Иван Доровски, еминентен проучувач на македонскиот јазик, литература и култура, и добитник на годинашното почесно Рациново признание
Македонскиот јазик е рамноправен член во семејството на словенските јазици, литератури и култури. Секое негово оспорување нема научна основа, туку вонјазична и вонлитературна, политичка основа, тврди чешкиот професор Иван Доровски, еминентен проучувач на македонскиот јазик, литература и култура и добитник на почесното Рациново признание.
Тој ги потсети негаторите на македонскиот јазик дека на дијалекти на македонскиот јазик говореле и старите Словени уште во 6 и 7 век, кога дошле на Балканот, се до Пелопонез. - Од солунскиот дијалект во 9 век браќата Кирил и Методиј и нивните ученици го создадоа првиот словенски јазик и писменост, истакна проф. Доровски во Велес.
Македонскиот јазик е интересен и за студентите во Чешка. Во новата академска година на Катедрата за македонски јазик на универзитетот во Брно од завчера студии по македонски јазик почнаа да следат 17 нови студенти.
- Интересот на нашите студенти за изучување на македонскиот јазик е одличен, изјави Доровски, кој е основач на таа катедра и е заслужен за ширење и афирмација на македонскиот јазик во Чешка и во словенските земји.
Првиот курс по македонски јазик во Прага е одржан во учебната 1947/48 година од професорот Антони Фринтак. Професор Доровски води лекторски вежби. Во 1960 година ја основал Катедрата за македонски јазик и литература со македонистички групи, која во 1993 година прерасна во додипломска група.
По повод годината на Коста Рацин, Доровски неодамна го издал и првиот чешки превод на стихозбирката "Бели Мугри". Професорот Доровски е надворешен член на МАНУ и добитник на Орденот за заслуги за Македонија во 2007 г., по повод 40-годишниот јубилеј на Семинарот за македонски јазик, литература и култура.