Со појавата на државите, се раѓа и поимот “тајна”- нешто што треба да се штити и направи недостапно за одредена група луѓе, класа или држави. Во исто време (а најчесто заради војувањата) се тежнее да се дознаат тајните на противникот .
На овој развоен степен таа задача ја добивале доверливи и способни поединци (трговци, патници, гласници и сл.) и воглавно за потребите на суверенот (кнезот, кралот, царот). Тој лично или преку доверлив човек, им давал задачи, ги наградувал или казнувал, спрема преданоста. Ваквата состојба во Европа е се до XV век кога од Италија се испраќаат првите пратеници во поедини држави. Првенствена задача им била собирање податоци за државата во која биле, а во XVI век по овој пример тргнуваат и др. држави. Ова се смета за почеток на организираното собирање на разузнавачки податоци.
Во текот на историјата називите за собирачите на тајни се менувал (повереници, шпиони, соработници, информатори, агенти, кодоши и сл.), но суштината на работите кои ги извршувале останала непроменета до денес. Некои владетели поголемо внимание оддавале на известувањата за противникот – што ни го потврдуваат и зборовите на Фридрих Велики: “Господинот маршал Де Субиз дозволува да го следат 100 кувари, а јас подобро да ми предходат 100 шпиони“.
Но на следните развојни степени (доцниот феудализам и капитализам) односите помеѓу државите (политичките, економските, културните и воените) се поразвиени и не се само војување или преговори за мир. Ова барало многу поголем обем на податоци, кое поединците колку и да биле способни, не можеле да го обезбедат, нити пак едно лице било во состојба да цела работа ја организира и раководи. Со други зборови се јавува потреба за организација чија исклучива задача би била организирање, собирање и обработка на податоци за другите земји – се јавува разузнавачката служба во облик кој е близок со денешниот (дел за раководење и организирање на разузнавачката дејност и дел за собирање на податоци и информирање на државното водство). Разузнавачката служба представува единство од известувачки дејности и организација која сите тие дејности ги спроведува, што во најопшттата смисла, може да биде едно, релативно прифатливо, објаснување на поимот разузнавачка служба. Организацијата која се бави со собирање на податоци за др. држави е – надворешна разузнавачка служба и – внатрешна разузнавчка служба – чија задача е разузнавачка за внатрешните проблеми на државата и заштитата на сопствените тајни. Овие називи се условни зашто внатрешната разузнавачка служба во некои земји се нарекува , контраразузнавачка во други Служба за безбедност, додека надворешната се нарекува Стратегиска, Централна и сл. Но нивната дејност е тешко прецизно да се разграничи зашто задачите многу често им се преплетуваат. Со јакнење на воената организација се развива и посебна – војноразузнавачка служба а со технолошкиот развој се развиваат и посебни разузнавачки служби : поморски, вселенски, политички, економски и сл. Во однос на минатото современите разузнавачки служби прераснаа во современи и модерни “индустрии“ во кои работат десетици илјади експерти и стручни лица од различни области. Овој развој во некои земји достигна монструозни размери, така да серозно се заканува да разузнавањето од ”важно средство за разбирање и водење политика”, сега прераснува во создавач и реализатор на државната политика. Ова е толку евидентно што кој е да е денешен локален или регионален конфликт ако се анализира малку посериозно, ќе не однесе до истиот заклучок.