Паметниците на културата, како катедралната црква Света Софија, Светиклиментовата црква или пак онаа на Свети Јован Канео претставуваат знаци на препознавање не само на Балканот, ами и во целиот свет. За разлика од споменатите цркви, кои со сета своја убавина им се презентираат на стотици и илјадници посетители, не помалку значајни за нашата историја и познавањето на нашата уметност и култура од времето на навлегувањето на Османлиите во нашите краишта е црквата Свети Спас (Вознесение Христово) во с. Лескоец, оддалечено од Охрид околу три километри.
Според натписот кој се наоѓа над западниот влез - однадвор, кој е од времето на обновувањето на црквата во 1898г. се споменува и годината 1462, како датум кога црквата била изградена и живописана. Црквата во основа е еднокорабна градба, со тристрана апсида и полуоблест свод. При обновата е доѕидан трем од западната и јужната страна.
Воопшто, живописот во оваа црква претставува една интересна и специфична ликовна целина а тоа се должи на деталите кои ги среќаваме на композициите - наративно раскажување - потоа, извесните иконографски моменти, мотиви од секојдневието и инвентивното предавање на профаните ликови. Ги споменуваме најзначајните насликани ликови: свети Никола Чудотворец и ликот на свети Климент Охридски - претставен со моделот на градот Охрид.