Овој сакрален објект е комбинација од повеќе градби. Првобитната црква датира од 1348 г., а нејзин ктитор, според еден натпис поставен над јужниот влез во наосот на црквата, како и во повелбата на царот Душан од 1348-53г., бил властелинот Радослав. Нешто подоцна, кон западната страна на црквата бил доѕидан нартекс со засводени приземје и кат, на чијшто јужен ѕид биле насликани портретите на војводата и војвотката, по име Владислава, луѓе кои биле заслужни за неговото подигање. Потоа, на јужната страна бил изграден затворен трем што служел како училиште.
Црквата Свети Спас е од типот на крстообразни цркви, над чиј централен дел се издига висока купола крепена на четири столба. Нејзината фасада ја красат нишите, што се наоѓаат на источниот ѕид над петостраната олтарна апсида, декорирани со вѕидани тули. Ентериерот на црквата го разубавуваат неколку слоја живопис. Најстариот потекнува од времето на изградбата на црквата, од XIV век, потоа врз него бил изведен друг во XVI век , оној последниот, поради своите лоши уметнички квалитети, бил наполно отстранет во конзерваторските работи во средината на XX век.
Цртежите на најстариот живопис говорат за исклучителен талент со високи познавања на зографската техника. Зографот Григориј, со црвена боја, го запишал своето име на фреските. Од тој период се издвојуваат композициите “Оплакувањето на Христа”, “Богородица со Исус Христос” и др. На иконостасот од оваа црква се наоѓаат неколку икони од XIX век, меѓу кои особено внимание привлекува иконата со претставата на Архангелот Михаил како ја одзема душата на богатиот, што е воедно и една од најраните дела на мијачкиот зограф Дичо, работена во 1845 година. Црковниот имот го надополнуваат двете певници од XIV век, изработени во токарска техника со инкрустрација со коска и дрвената врата, изработена во истата техника.