По својата форма, оваа црква е трикорабна, со апсида на исток. По својата архитектонска композиција е слична со базиликата во Студенчишта. Подовите на нартексот и на централниот кораб се покриени со мозаик, а декорацијата е исполнета со стилизирани четворолисти, со двојна плетенка на рабоивте, со кружни медалјони изведени во двојна плетеница, а во медалјоните се наоѓаат стилизирани дрвја со најразлични плодови и животни, а просторите помеѓу кружните полиња се исполнети со мотивот на Соломонов јазол. Просторот меѓу источните и северните пиластри во нартексот е исполнет со мотив на рибини лушпи.
Централниот кораб на наосот е украсен со едноделен ќилим, формиран од полиња со полигонален и кружен облик, во коишто се претставени најразлични видови риби, јагули, ракови и птици.
За оваа базилика е предложено датирање кон крајот на V век.
|