Влав по потекло, но промакедонски настроен, водел енергична и непомирлива борба за Охридската патријаршија да го зачува словенскиот карактер, духовната независност и суверенитет.
Како водач на автохтоната партија, тој се изборил за Патријаршискиот престол, елиминирајќи го Трновскиот митр. Григориј, припадник на фанариотите, кој се обидувал со поткуп на османлиските власти да ја освои Охридската катедра.
Додека бил Сисанијски митрополит и кога стапил на Охридскиот престол, Зосим I живо се интересирал за развој на училиштата и на просветата воопшто, особено во селските средини.
Од пишаните извори се дознава дека во 1708 година издал повеќе наредби за развој на училишната мрежа.
Понесен од слободољубивите идеи и потфати на претходниците Гаврил и Атанасиј I, пред да стапи на Патријаршискиот престол, преку својот специјален пратеник Јоан Гипропулос и преку принцот Еуген Савојски, воспоставил први дипломатски контакти со австриската влада. Во писмото кое му го испратил на царскиот двор, не барал ништо др. освен морална императорска заштита и поткрепа во евентуално востание во Македонија, три гарантни писма и три знамиња за македонските области за да се охрабрат револуционизираните маси дека зад тој потфат стои Австрија. Исто така, ја уверувал австриската влада дека "во рок од десет дена ќе собере 12.000 добро вооружени мажи" и дека "кога австриските војски ќе се доближат до Македонија, мн. лица ќе го жртвуваат својот имот и крв за да го нападнат непријателот".
Иако Еуген со резерва гледал на повикот од Зосим I, сепак не сакал од вид да ја испушти можноста и од воениот логор кај градот Футок на 15 јули 1716 година испратил повик до православниот народ на Македонија. Во повикот ја фалел одлуката на заговорниците и им ветил заштита од австрискиот двор и императорот Карло VI, ветувајќи им и дека доследно ќе се почитуваат привилегиите и слободите на нивната вера, и ги повикал во заедничка борба.
По овие контакти се засилила дипломатската активност меѓу австриската и македонската страна, при што се допрецизирала воено-политичката платформа, стратегијата и обврските во заедничката борба.
Од успешната кореспонденција меѓу Зосим I и австриската влада, се дознава дека македонската страна целосно ги исполнила своите ветувања, но на моменти Австрија тактизирала во согласност со нејзините државни интереси. Соработката се карактеризирала со чести меѓусебни посети на специјални пратеници сè до 21 јули 1718 година, кога бил потпишан мировен договор меѓу Австрија и Турција.
Со тоа спласнале надежите на Зосим I, бидејќи Австрија, која во негово време се покажала како најголем непријател на Турција, му била единствена надеж за слободољубивите идеи. Тогаш македонскиот народ уште еднаш, по којзнае кој пат, бил измамен.
По мировниот договор, сè до 1736 г., биле прекинати дипломатските врски меѓу македонските заговорници и австриската влада, кога повторно се влошила политичката ситуација.
Имено, тогаш дошло до нова војна, овој пат меѓу Австрија и Русија, од една страна, и Турција, од друга. Користејќи ја ситуацијата, во декември 1736 година Зосим I се обидел да ги обнови прекинатите дипломатски контакти со Австрија.
Преку пратеникот митр. Пајсиј Емануил Погонат испратил неколку писма до австрискиот цар Карло VI, во кои го потсетил на поранешните контакти и го молел да му испрати манифест за заемен договор.
За жал, зачувано е само едно писмо, од кое се дознава дека Зосим I од австрискиот суверен барал при евентуално протерување на Турција од Балканот, "да се потврди духовната власт на Прва Јустинијана Охридска врз Македонија, Арванија, Србија, Босна и Бугарија", во согласност со старите новели и хрисовули, издадени од византиските императори.
Некои барања биле одбиени, но повеќето прифатени, а имало и уверувања за помош и заштита на суверенитетот и автокефалниот статус на Охридската патријаршија.