Macedonium
Македониум.орг
Историја
Религија
Архитектура
Култура
Етимологија
Етнологија
Пропаганда
Новости
За Македонија
Македонизам
Анкета
Македониум прашува
Што сакате да читате на Македониум?






Вкупно гласови : 8828
резултати
Македониум музика
Благодарност до Синтезис и Bagi communications

Време
Времето во Д. Капија
Времето во Скопје
Времето во Битола
Календар на настани
Религија > Христијанство > Македонски архиепископи и великодостојници
Делото на Патријархот Атанасиј I
Сподели на Facebook

По смртта на Нектариј I, раководната  палка  во  подготовките  за  востание  во  Македонија  и Арванија ја презел Атанасиј I. Од 1596 до 1615 година посетил неколку Eвропски земји и владетели, ...

убедувајќи ги дека ќе ги крене на востание Македонија и соседните земји, ако му помогнат со војска и оружје. Тоа го правел во тајност, бидејќи постојано го контролирале турските власти.

Оваа конспиративна дејност имала за цел да се поткрепи општохристијанското дело за да се протера неподносливата турска власт.

Центар на востаничкото движење била областа Химара, источно од Валона, во Матија, денешна Јужна Албанија.

Во Охрид одел само по потреба, кога требало да прими пратеници од други цркви, кога се одржувале црковно-народни собори и собори на Охридскиот патријаршиски синод или на големи црковни празници.

Атанасиј  I  воспоставил  жива  дипломатска  врска  со  многу  земји  во Европа, ангажирајќи високообразовани луѓе, школувани на Запад, видни личности од политичкиот живот, кои се истакнувале со изразит патриотизам, со морално-политичка зрелост и одговорност и со проверени дипломатски способности.

Атанасиј I стекнал високо свештеничко образование во Париз, го владеел францускиот и италијанскиот јазик, имал свое дипломатско тело, кое ги следело внатрешните и надворешните политички состојби, неговите припадници патувале во странство, во царските и кралските дворови во Европа, ги пренесувале пораките и ги образложувале предлозите на воените проекти од Македонија.

Покрај Марко Гини, кој се потпишувал како "Амбасадор од Македонија и соседните краишта во Турција", водечка улога во ова тело имал Александар Паштровиќ-Паштро, кој себе се нарекувал со античкото име Александар Македонски.

Секаде каде што одел се претставувал и на официјалните документи се потпишувал како "Македонец" од "Кралството Македонија и другите соседни провинции".

Освен тоа, Атанасиј I имал и широка мрежа на дипломатски претставници, свои луѓе - Македонци, во  сите  поголеми  европски  центри,  Дубровник,  Неапол,  Рим, Торино, Венеција, Прага, Париз, Тибинген и други.

Тие биле  жива врска меѓу Охрид и западниот католички свет, а преку нив се пренесувале пораките од Охрид и од Македонија до европските царски и кралски дворови, кнежевства и војводства, со кои се одржувале постојани дипломатски врски.

Зад револуционерната дејност на Атанасиј I стоело македонското високо свештенство, кое дејствувало не само поради религиозна ревност, туку и поради револуционерниот дух во масите кои тежнееле кон слобода, духовна и национална независност.

Тоа бил период кога од Херцеговина на север сè до Мореја на југ било разгорено народното бунтовно движење.

Борбеното расположение на балканското христијанско население сакале да го искористат повеќе западноевропски владетели, кои се надевале дека со заедничка борба со револуционизираните маси ќе дојдат до нови поседи, нова работна сила и рудни богатства.

Атанасиј I сакал да ги искористи нивните стремежи за да ги оствари слободољубивите идеи.

Затоа внимателно ги следел европската политика и меѓудржавните активности на европските владетели за истиснување на Турција и заграбување на нејзините територии.

Најголемо бунтовно расположение имало во Химара, источно од Валона, која долго време му пркосела на турското владеење благодарение на шпанската поддршка, чии државни интереси допирале и до тие простори.

Со цел да ги оствари слободољубивите идеи, во 1596 година, преку специјални претставници, Атанасиј I воспоставил контакти со видни личности на Рим (Ватикан), Венеција и на Шпанија од кои барал поддршка и помош со војска и оружје. Овие барања не биле прифатени  со  воодушевување. 

Папата  ја  условувал  помошта "со стапување на Охридската патријаршија со целата своја диецеза во унија со Римокатоличката црква", а Венеција" не сакала да си ги расипе односите со Турција заради Арванија и Македонија".

Единствено Шпанија го прифатила повикот на Oхридскиот патријарх, но кога требало да ги исполни договорените обврски, тактизирала на штета на ослободителното движење, ставајќи го во незавидна положба.

Вицекралот во Неапол многу ветувал, но ништо не исполнувал. Како последица на тоа, востанието во Химара пропаднало затоа што Шпанија, иако ветила, не испратила ниту војска ниту оружје.

По овој неуспех, Атанасиј I тргнал во мисија по Eвропските кралски дворови, со намера да побара нови сојузници и воена помош.

Во Неапол се сретнал со шпанскиот вицекрал Оливарес, во Рим со кардиналите  Петар  Алдобрандини,  Санта  Северина  и  Сан  Горгио,  во Прага со австрискиот цар Рудолф II и со неколку провинциски војводи во Германија, Австрија и Швајцарија.

Од кореспонденцијата со нив се дознава дека на Атанасиј I не му дале цврсти ветувања, поради што разочаран се вратил, прво во Охрид, а потоа во Химара.

Неапол и Прага биле воздржани, а во Рим, користејќи ја тешката положба, повторно го уценувале да потпише декларација за унија, што категорично било отфрлено.

Тогаш повторно се свртел кон Шпанија, барајќи помош. Меѓутоа, и втор пат бил измамен.

Поради тоа решил да оди во Русија, надевајќи се дека ќе успее да го придобие рускиот цар за слободољубивата идеја.

На таков чекор бил поттикнат и од упорните настојувања на Клемент VIII, кој се стремел да ги придобие руските владетели да земат учество во планираниот општ христијански антитурски сојуз.

Атанасиј I како патријарх на чело а го придружувале пелагониско-прилепскиот митрополит Еремија, кој се сметал за вешт собеседник и дипломат, мегленскиот митрополит Јосиф и трновскиот  митрополит  Дионисиј. 

Сите  биле  примени  во  аудиенција кај рускиот цар на 24 јуни 1606 година, но следејќи ја тогашната руска надворешна политика, особено кон Турција, не давало можност за успех на политичката мисија на Атанасиј I.

Тогаш руските владетели настојувале да одржат добри и пријателски односи со Турција.

Во 1595 година Русија одбила да учествува во антитурскиот сојуз кој го подготвил папата Клемент VIII и таа не пројавувала поголем интерес за словенските народи на Балканот и избегнувала за нив да се застапува пред централната турска власт, Портата и султанот.

Нејзината словенофилска политика се состоела само во материјално помагање на црквите и манастирите, кои поради преголемите даноци биле во незавидна економска положба. Имајќи  ги  предвид  ваквите  состојби,  се  претпоставува  дека Атанасиј I не успеал да ги придобие руските владејачки кругови за својот проект на вооружено востание во Македонија и на Балканот, кое Русија би го поддржала.

 Разочаран Атанасиј I се вратил во Охрид, со надеж дека сепак ќе најде сојузници за оживотворување на слободољубивата идеја.

Не можејќи да се ослободи од мислата за кревање востание, по враќањето интензивно продолжил со политичката дејност.

Со цел поблиску да се запознае со положбата и готовноста на христијанските маси за востание, презел повеќемесечни  патувања  низ  европска  Турција,  патувал  низ  Македонија, Грција, Бугарија, Тракија, Архипелагот, Србија, Босна, Далмација и Арванија.

Патувањето уште повеќе го засилило неговото верување  дека  условите  за  кревање  востание  биле  поволни  и дека бунтовното расположение требало и морало да се искористи. Работејќи интензивно на подготовките за востание, овој пат  решил  да  не  се  потпира  на  странското  учество,  туку  на сопствени сили, што било гаранција дека востанието ќе успее. И кога требало да се кренат 12.000 востаници, на барање од шпанскиот вицекрал во Неапол, грофот Беневентски побарал Атанасиј I да се воздржи од востанието и да почека поблагопријатно време, ветувајќи му дека кога ќе треба Шпанија ќе испрати помош во жива сила и оружје.

Овој податок упатува на заклучок дека за време на подготовките се одржувале дипломатски врски со Шпанија, дека шпанскиот вицекрал бил во тек со подготовките и со планот за востанието.

И покрај горчливото искуство, Атанасиј I не можел да се ослободи од големата заблуда, надевајќи се дека ќе добие странска воена помош за востанието.

Со тоа многу погрешил, бидејќи ветената помош од Шпанија никогаш не дошла во Македонија, а како последица на тоа пропаднале сите надежи за негово кревање, бидејќи револуционизираните маси се обесхрабриле поради честите одложувања на востаничкиот потфат.

Вечно прогонуван од мислата за ослободување на Македонија од Турција со  општобалканско востание и со странска помош, го натерало Атанасиј I да направи уште еден обид да ги убеди европските кралски дворови да ја поддржат идејата за востание.

На почетокот на 1615 година повторно отпатувал во Западна Европа, со намера да оди и во Шпанија за да се сретне со шпанскиот крал Филип III, што не му било дозволено од неаполскиот вицекрал, за да не се открие вистината за политичките игри и манипулации кои тој ги правел околу неисполнувањето на ветувањето за испраќање воена помош за востанието во Македонија.

И овој пат Атанасиј I се сретнал со видни личности, но повторно се вратил разочаран, бидејќи се покажало дека европските католички држави не биле подготвени да стапат во отворена војна со Турција, туку настојувале со ветувањата да го држат под контрола за да го искористат во некој погоден момент за нив.

Затоа без резултат биле сите напори на Атанасиј I да ја придобие Западна Европа за неговата слободољубива идеја, особено шпанскиот дворец кон кој биле свртени сите негови погледи  и  надежи. 

Ваквото  однесување  не  било  карактеристично само за Шпанија, туку и за сите други европски земји каде одел и молел за помош.

Тие пројавувале интерес да се вмешаат во ваква несигурна и опасна авантура, но не поради сочувство со поробените христијански народи на Балканот, туку од своите државни завојувачки интереси.

Атанасиј I 20 години неуморно работел на ова дело, правејќи големи напори да ги разбуди свеста, совеста и солидарноста кај тие држави, а не успеал бидејќи им верувал на нивните лажни ветувања, но и затоа што стравувал да се потпре на сопствените сили и способности, кои не биле мали.

Со слободољубивите идеи и потфати високо се издигнал во православниот свет и се прославил како голем духовен пастир, патриот, револуционер, дипломат и народен трибун.

Во тоа бедно и сурово време, полно со неизвесности и противречности, со свои средства патувал по Европа за да го пренесе плачот, ужасот и стремежот на поробените балкански народи,  кои  стенкале  под  јаремот  на  Османлиското  царство, барајќи милост и добрина од богатите и моќните, до која никогаш не дошол.

Заслугите на Атанасиј I се и во тоа што го поттикнувал и го будел националното чувство и сознание кај македонскиот народ, барајќи од   специјалните пратеници да се претставуваат како

"Македонци", како "амбасадори од Кралството Македонија", што е забележано во многу документи кои денес се чуваат во италијанските и во австриските државни архиви.

Духовното и револуционерното дело кое го почнал Гаврил I, а го продолжил Атанасиј I, за престиж и доминација на Охридската црква над балканските православни простори, грижејќи се постојано за зачувувањето на угледот, достоинството и целовитоста на оваа Црква, особено во остварувањето на стремежот на неговата паства за духовна и национална слобода, продолжиле да го негуваат и сите наследници, Иоаким, Нектариј II, Порфириј, Аврамиј, Дионисиј, Атанасиј II и многу други.

Незапоставувајќи ги црковните работи, кои поради тешката економска положба биле во незавидна положба, активно зеле учество и во политичкиот живот, постојано барајќи начини, средства и можности за отфрлање на туѓинскиот јарем, преку дипломатско поврзување со земјите кои членувале во воените сојузи и во антитурските коалиции, во Христијанската лига и Светиот сојуз, односно со земјите кои се подготвувале за војна против Империјата, за нејзино протерување од Балканот и од Европа.

Главна карактеристика на овие охридски поглавари бил стремежот да се развиваат, прошируваат и продлабочуваат односите со Римокатоличката црква, наспроти нејзините отворени, уценувачки и агресивни стремежи за подведување на Охридската патријаршија под нејзино ведомство, но и за воспоставување потесни врски со Русија, во која православните народи во европска Турција, и македонскиот народ, гледале спас за ослободување од тиранијата.

Тие и голем број други духовни лица оделе во Рим и во Москва за да бараат материјална и воена помош, особено од руските цареви, кои се сметале за покровители, дарители и помагачи на угнетените православни народи.

За да се постигнат тие цели, некои поглавари, како Порфириј, Аврамиј, Атанасиј II и други, биле решени и да го признаат ведомството на Ватикан за да се спасат од тиранијата и ропството.

Друга важна причина за ваквата склоност на поглаварите било и  зачувувањето  на  духовната  независност  и  суверенитет  на македонската, односно на Италијанската православна епархија, која повеќе од три века егзистирала во рамките на Охридската патријаршија.

За охридскиот поглавар Порфириј се знае дека во  кореспонденцијата  со  папата  го  признавал  поглаварот  на Римокатоличката црква за наследник на апостол Петар, за Аврамиј - дека папата Урбан VIII го признавал за свој поглавар и лично  богослужел  со  него  во  Рим,  во  црквата  "Св.  Петар"  на италијански и на словенски јазик, а за Атанасиј II дека наводно бил таен католик.

Од пишаните извори може да се заклучи дека овие врски на Охрид со Рим не се одржувале поради некакво убедување за вистинитоста на католичкото учење, туку за да се добие морална, воена и материјална поткрепа од европските католички држави за евентуално ослободување од османлиското ропство.

Најдобра потврда за ова има во политичките врски на Атанасиј I со Рим и во преговорите со кардиналите Алдо- брандини, Северина и Горгио во 1597 година за кревање востание во Македонија и Матија - Арванија.

Врските на овие поглавари со Русија имале друга, многу поголема тежина и значење.

Сите тие се стремеле да воспостават постојана врска со Москва, ангажирајќи за таа цел видни духовни лица кои се истакнувале и како добри и искусни политичари, зашто нивните патувања во Русија имале економски, политички цели и карактер.

Во улога на специјални пратеници, кои патувале во Москва, Неапол, Рим, Прага и Дубровник, во пишаните извори се наведени и митрополитите  Еремија  и  Нектариј  Пелагониски,  Харитон  Драчки, Евтимиј Скопски и Пајсиј Солунски, кои високото црковно образование го стекнале во Падова, Италија, и освен рускиот, ги владееле  и  италијанскиот,  германскиот  и  францускиот  јазик.

Ова зборува дека за специјални пратеници во странство Охридската патријаршија ангажирала високообразовани луѓе, политички изградени, со афинитет за вршење ваква во тоа време специфична дејност.

На исто или слично образовно рамниште, со  извесни  исклучоци,  биле  и  охридските  поглавари,  од  што произлегува   живата и богата активност на Охридската црква во меѓународните релации и односи.

Охрид станал многу поблизок до европските метрополи и царски дворови од кој и да било друг град на Балканот.

Ретко  кој  охридски  поглавар  не  ја  посетил  Русија,  дури  и оние со грчко потекло.

По Атанасиј I секој следен патријарх патувал  таму,  со  скромна  или  многубројна  придружба. 

Според руските  извори,  патр.  Иоаким  во  Москва  престојувал  летото 1609 година, Нектариј II во 1611, Порфириј во 1624, Аврамиј во 1634, Дионисиј во 1652, а Атанасиј II во 1656 година.

Тие оделе со исти мотиви и потреби - да ја анимираат Русија да се заземе за ослободување на поробените балкански народи од османлиското ропство, да обезбедат богослужбена литература за духовните институции во Охридската диецеза и да издејствуваат материјални средства за откуп на црковните предмети заложени во турските банки и судови.

Општа карактеристика за нив е тоа што во Русија ги дочекувале со голема љубов, почит и достоинство, со сите дворски почести.

Кај рускиот народ Охридската црква била славена како своја црква, бидејќи "новоутврдената Руска црква - Киевската митрополија уште од почетокот била под врховна власт на охридскиот свештеноначалник, нарекуван патријарх".

Од друга страна, македонските архијереји од прва рака ги запознавале своите домаќини со положбата на поробените балкански народи и со многу други прашања кои биле од  полза  за  руската  држава. 

Повремено  по  милостина  таму оделе и архијереји од Цариград и од некои бугарски епархии, но нив не ги дочекувале како македонските, бидејќи руските суверени кон Охрид покажувале должна почит како кон најстара и најголема православна црква во христијанскиот свет.

Ретко кој од нив бил приман во аудиенција кај руските цареви, што зборува за третманот на официјалната руска политика кон одделни православни цркви и конфесии.

Во  времето  на  охридските  поглавари  Нектариј  II,  Аврамиј, Дионисиј и Атанасиј II во епархиите во Охридската диецеза се водела  жестока  борба  меѓу  автохтоната  (македонската)  и  фанариотската (грчката-туѓинската) партија за превласт и доминација над македонскиот духовен простор.

Последната правела жилави напори да завладее со Охридската катедра, со што се создавале  услови  да  продолжи  процесот  на  асимилација  и денационализација на македонската паства, почнат во времето на  византиското  владеење  со македонските  земји.

Сподели на Facebook | << Назад | Најгоре

Овој наслов е прочитан 4524 пати
Просечна оцена од посетителите
 
Оцена:




 
Запиши
Коментар:

 

петок, 29 март 2024
Моментно посетители: 31

Македонија низ фотографии

Галерии: 1 | 2 | 3 | 4 | 5 | 6 | 7 | 8 | 9 | 10 | 11 | 12 | 13 | 14 | 15 | 16  (нова)
Дали знаевте дека...
 Римската легија и фалангата
--------------------------------
 Кошула за вардење од уроци
--------------------------------
 На една минута Македонија во 50 Библии
--------------------------------
 Македонците и мечот
--------------------------------
 Чудната царица Теодора
--------------------------------
Дневни случувања
 Тауресиум ќе се презентира пред јавност
 Под македонското сонце во Прага
 Архитектурата од 4 до 6 век на виделина
 Ова не е Танец, ова е чудо од Македонија!
 Инаугуриран четвртиот македонски претседател

Македонски времеплов
Март
Април
Мај
Јуни
Јули
Август
Февруари
Септември
Октомври
Ноември
Јануари
Декември
 
Copyright Macedonium | © 2007-2008 Број на посетители: