АСТИБО
Утврдувањето на локација на римскиот град Астибо, долго време ја поттикнува љубопитноста на голем број истражувачи.
Во историјата, ова име првпат е споменато од страна на античкиот историограф Полиен, во III век п.н.е., кој го поврзува името со реката во која се крунисувале пајонските цареви. Се претпоставува дека таа река е денешна Брегалница. Кон крајот на IV век, под името Астибо е означена римска населба од големо значење, што во Појтингеровата карта се споменува како втора станица на патот Стоби-Пауталија.
Постојат различни теории за точното место каде се наоѓала оваа населба: И. Венедиков ја лоцира под ридот Ежово, во близина на селото Чардаклија; Ф. Папазоглу во самиот град Штип; Блага Алексова го наведува локалитетот Кале во селото Крупиште, а В. Санев ја нуди теоријата дека Астибо лежел во денешното штипско маало Стар Конак, на источното подножје на ридот Исар, на која се надоврзува и З. Белдедовски кој на таа локација открива низа археолошки наоди: водоводна инсталација, рударски копови, некропола, работилница за мермер, истовремено проширувајќи го нејзиното протегање и во Тузлија и Горно маало.
Во збирките на Археолошкиот музеј на Македонија, Заводот и музеј во Штип, како и Народниот музеј во Белград, денес се чуваат богатите наоди од мермерна пластика кои се пронајдени на локалитетот Стар Конак: глава на млад Ефеб, торзо на гола Афродита, глава портрет на маж, статуа на Нике, статуа на Афродита, и голем број на фрагменти од статуи со претстави на коњи и коњаници, композиција на лавови, и т.н.
За времето на замирањето на животот во овој град, не постојат прецизни податоци.
|