За Македонците емигранти

Христов дава и патешествија на Македонци со вродена интелигенција:


“Имаше еден човек што работел 17 години во дијаматските рудници во Трансвал, Јужна Африка и кој зборуваше англиски малку поинаку одошто зборуваа “спортовите“. Ми се чинеше неверојатно, еден МАКЕДОНЕЦ да бил на место викано Трансвал, Јужна Африка. Паскал го крсти овој човек “ филолог “ поради неговата презафатеност со зборовите. Овој човек носеше една огромна книга со себе, колкава што не сум видел никогаш, и тој ќе седнеше на маста и ќе ја изучуваше книгава со часови.

Филологот никогаш не пушеше ниту пиеше, и повеќето живееше од леб и кисело млеко, што го правеше еден БУГАРИН во дуќанчето еден блок подолу од нашата улица. Велеа дека тој го спроведува овој режим не толку за економисување колку поради некаква стомачна болест од која стрдал.
Тој знаеше да објасни како настанал некој збор и да проследи неговите знаења низ векови, како што би можел да ја проследиш историјата на некој човек, или историјата на некој народ. Тој можеше да каже дали е некој збор “неупотреблив“ или “архаичен“ или “модерен“ и дали може да се употреби во секидневен говор или само во поезија.“

- Христов и самиот емигрант од втората деценија на XX век, ја дава - етничката разноликост одразена и со улиците кои се според националноста. Така филологот е – Македонец а фурнаџијата од друга улица е – Бугарин.

- Филологот со постојаните читања е своевиден етимолог. Авторот вели:
“Ако ти кажам дека зборот каприциозен произлегува од –“капра” , што е италијански збор за она непостојано, четириножно роговито и брадесто животно познато како коза, тогаш каприциозен индивид ќе биде индивид сличен на коза, што ќе рече, еден непостојан и недоречив индивид кој скока од еден предмет на друг без резон или логика, исто како и козата, што брсти една грмушка, после трча кај другата макар што грмушката што ја брстела уште има на себе необрстени лисја ...
Сега што се однесува до дипломатијата. Таа произлегува од грчкиот збор и првиот слог, -“дипло”, значи двојно, додека последниот “мати”, значи очи. Значи сега, дипломат е човек со две рала очи...Обичните луѓе, со едно рало очи, ја гледаат само згорната, додека дипломатот ги гледа двете страни истовремено, уште пред да се открие здолната“.

- Преговарачката интелигенција бара надмудрување со компаниите за исплата на оштети по разни основи за што пак се наоѓал по некој Македонец. Грижливо се подготвувале и уредувале, што ги прави горди и др.Македонци оти имаат умен и впечатлив човек подготвен да се надмудрува со било кој Американец. Таков лик е Паскал – газдата на локалот, што го опишува вака:
“Следниот ден јас тргнав по Бродвеј со сезнајниот сопственик на “Балкан”.Тој беше облечен како некој агент на бродските компании, или можеби како некој банкар. Илјада години да му се пулиш, пак не ќе го познаеш дека е МАКЕДОНЕЦ . Носеше двореден син костум, со по четири копчиња на секој ред. Додека одевме по Бродвеј кон Маркет улица, срцето ми беше исполнето со почит спрема Паскала. Имаше нешто во него, во тоа како неговите чевли газеа по плочникот, во тоа како му стоеше бомбето на големата умна глава, обноската, - сето тоа зборуваше дека можеш да бидеш роден во МАКЕДОНИЈА, Португалија или Романија, а сепак да бидеш сосем како дома во Америка“