Според пишувањето на тогашниот орган на ЦК КПЈ – “Пролетер”, од април 1940 год, “Основното правило на конспирација е – Немој да му го кажуваш на оној кому можиш - туку на оној на кого мораш. Зборливоста не ти се осветува само на тебе туку и на Партијата“. Безбедносната заштита и конспирацијата ќе се зголемат кај КПЈ, но таа ќе почне и да продира во поедини институции, затвори, војската, штампарии и сл., од каде црпат драгоцени информации.
Дури организираат курсеви за своето членство, со основни заштитни мерки од полициски интереси и сл. Слепилото на владеачките клики од вистинскиот непријател не ги одминува ни во последните денови од својата власт. Така дури и последниот Председател на владата од Ју-кралството, генералот Симовиќ, после бомбардирањето на Белград на 6 април 1941 год. на еден од своите шефови на Полицијата ќе им рече: “Добро отворете ги очите, комунистите и анрхистите да не ја искористат оваа војна за свои цели“. Всушност, тоа и ќе се случи но многу подоцна, зашто токму низ таа војна тие ќе ги изградат сите свои воено-пропагандни структури со кои и ќе ја превземат власта во 1945 год.