Сребрени монети пронајдени кај Струмица
Монетите кои датираат од крајот на 13 и почетокот на 14 век, говорат дека населението имало живи трговски врски со Венецијанската република.

Осумдесетина сребрени венецијански монети, или таканаречени "матапани", кои датираат од крајот на 13 и почетокот на 14 век, се пронајдени од археолозите, кај Струмица.
Првичните сознанија говорат дека во оваа тврдина постоел интензивен живот низ вековите, и дека овдешното население имало живи трговски врски со Венецијанската република, особено по падот на Константинопол во 1204 г., и со формирањето на латински царства во византиската империја.

Пролетва струмичките археолози открија и групни наоѓалишта од околу 4.300 византиски монети од времето на династијата комнени и десетина монети со ликот на Филип Втори Македонски од четвртиот век пред нашата ера.
Освен монети на овој археолошки локалитет досега се пронајдени и низа други вредни артефакти, како и праисториска населба која сведочи за постоењето на живот на овие простори во период од околу седум милениуми.

11.05.2009