Како никогаш досега, производителите на млад кромид од Башино Село, Ногаевци, Уланци, Градско и други села навреме го продадоа својот производ. За помалку од еден месец целокупниот род беше собран, исчистен и со камиони транспортиран на хрватскиот пазар. Она што остана деновиве го откупуваат трговци од Скопје, Куманово и други градови. Нивите останаа празни. Земјоделците се задоволни од откупната цена. Килограм млад кромид го продадоа по 40 денари..
-Годинава сме многу задоволни од пласманот на младиот кромид. За кратко време целото производство беше откупено, оти имавме одличен квалитет - вели Димитрија Наумовски, од Башино Село.
Повеќе од 60 хектари во Велешко годинава беше засаден кромид, а добар дел од земјоделците и за идната година најавуваат дека на нивите ниви кромидот пак ќе биде присутен.
Илија Шопов од Башино Село се пофали дека од продадениот кромид заработил околу 5 илјади евра. Земјоделците деновиве на местото на кромидот почнаа да ги расадуваат доматите, пиперките, зелката, како и другите градинарски култури.
(С.А.)
11.05.2009