Македонското сирење под еден бренд
Фармерите го поддржуваат барањето на поголемите млекари од земјава македонските млечни производи, а особено сирењето да се продаваат на странските пазари под единствен бренд.
За ова станало збор на вчерашната средба на претседателот на Федерацијата на фармери, Ѓоко Данаилов со министерот за земјоделство Ацо Спасеновски при што паднал договор преку брендирањето на македонското меко бело сирење, мешаното, кашкавалот и биеното сирење, да почнат сите заеднички да произведуваат квалитетни и стандардизирани производи.
-На тој начин секоја млекарница ќе има континуитет и квантитет во извозот на македонско сирење. Грција на овој начин го проби своето фета сирење, а и Бугарија - со нејзиното бело меко сирење. Ова на долгорочен план ќе го реши проблемот со вишокот на млеко со кој во моментов се соочуваат во Еропската унија и во сите земји од регионот - вели Спасеновски.
Според него, извоз на млечни производи освен на постоечките пазари во моментов имаме и во Австралија, САД и во Канада. Тој вели дека постојано се следи ситуацијата со вишокот млеко и државата им помага на млекопроизводители преку редовна исплата на субвенции.
Данаилов очекува дека годинава ќе биде многу тешка за земјоделците бидејќи има најави во сите сектори да се јават одредени проблеми пред се околу откупот на земјоделски производи цените и извозот.
Спасеновски ги демантираше информациите што ги пласираа некои медиуми дека неколку десетици илјади расни крави се уништени поради проблемот со Сведмилк. Тој не знаеше да каже колку крави се заклани или продадени во странство и најави од понеделник повеќе податоци за тоа.
(С.Бл.)
25.04.2009
|