Општо за опстојот на македонизмот
Во почетокот, Европа на осамениот пројавен македонизам не обраќа посебно внимание, верувајќи на многу погласните бугарски националисти а зедно со нив и на руските словенофили, дека овие со долгогодишното духовно ропство под Грците, си ја заборавиле својата “бугарска” народност и го прифатиле македонското географско име.
Ова име за тогашната европска јавност претставува синоним за “грчкото“ особено заради тоа што грчките националисти, во жолчните дискусии за народниот карактер на Македонците токму тоа именување на самите Македонци го земаат како најсилен “доказ” дека тие се “Грци”. На тврдењата од македонските патриоти дека тие не се ниту Грци, ни Бугари, ни Власи, туку се Македонци, никој не обраќал внимание. На оваа допринела и националната неорганизираност среде македонскиот народ и средините во кои тој живеел за да може со покомпактна воља и мисла да се спротивстави на нападите врз него. Покрај ова како по правило поединците од него кои се декларирале како “Бугари“ или “Грци“ се веднаш поддржувани од рускиот, српскиот или грчкиот печат кој ги истакнувал веднаш како “вистински“ водачи на македонскиот народ.
Без ничија поддршка, напаѓани и исмевани од сите страни, македонските патриоти, за разлика од декларираните “Бугари“ и “Грци“, упорно ги одбивале сите напади на пропагандистите. Но во почетокот, додека пошироките народни маси во сеопштиот “сепомагателен” пропаганден метеж не сфаќале за што се работи, овие македонски патриоти, останале немоќни бродари во жестоката политичко-црковна бура која се наметнала од страна. Лукавоста на овие туѓи сили била во глумењето блискост (верска или јазична) и нудењето излез од ропско-зависничката позиција на македонскиот народ а преку внатрешни платени (наградени) лица. И тука не може да им се забележи на македонските народни маси што не можат заради ваквата лукавост, веднаш да го разберат проблемот, впрочем тоа ниту еден народ не го сфатил одеднаш. Дури и денес, кога како македонски народ сме со своја држава и кога туѓи сили преку наши “загриженици” ни нудат ”излез од зависничката изолација” ( со влез во ЕУ и НАТО), а “само” да си го продадеме нашето име, идентитет и култура, зарем е чудно што во сеопштава бука, има луѓе (иако малку на број), кои заведени, не можат јасно да сфатат за што се работи. Така, и во она време состојбите се такви се до мигот кога македонскиот народ со целата своја сила ги прифаќа идеите кои се одраз на неговиот засебен етнос и ги разбива во парампарчиња сите тези и теории за “бугарски”, “грчки”, подоцна и “српски” карактер на македонскиот народ. Со ова тој му докажува на целиот свет дека не е бугарски, ни грчки, ни српски, туку македонски народ.
Патот кој го поминува македонскиот народ од своето будење до својата полна национална афирмација бил толку сложен што е многу тешко да се спореди со националното будење на било кој друг народ на Балканот. Македонскиот народ поминува низ неколку тешки и специфични фази на самостоен опстој, од и развој, за разлика од другите попериферни народи чие будење е со целосно или делумно учество на некоја голема (соседна) сила, тој е сам и без никој во својата борба.
|