Странските “допринеси” за македонското прашање
Покрај се помасовното замешување на соседските научни и црковни елити во македонското прашање a сите со својата “вистина”, намерно или не, во најраната појава на македонското прашање, се јавувале и странски “експерти” по истото.
Во таа плејада од “експерти” за македонското прашање имало и пообјективни учени кои се придржувале кон научната вистина. Но, има и такви кои никаква врска немаат со етнографијата, како што се ботаничарот Гризебах и геологот Ами Буе, па со своите “допринеси” создаваат вистинска збрка по македонско прашање. Бугарските, грчките, романските и многу европски писатели под маската на “науката”,им давале нејасни и лажни податоци за Македонија и нејзиниот национален состав. Токму заради ова, подоцна добар дел од нив (како Рене Пинон и Едмонд Буше) прашувале дали, во ова мноштво од книги, студиски извадоци, натписи, статистички и политичко-етнографски и етнократски карти, во кои секој камен земан од Македонија како доказ во корист на оваа или онаа националистичка теза, може да доведе до некоја вистина за Македонија и Македонците. Заради ова, терминот Македонија и не чуди што во западна Европа станува синоним за некаква нејасна мешавина од се и сешто. Токму контроверзните “докази” од српско-бугарско-грчките пропагандни умови за “вистинското” потекло на македонскиот народ, го прават вистинскиот хаос кај европската научна јавност.
Виталните француски умови терминот “Macedoine” добиват потстрек да го искористат за практични цели. Тие (а оттаму и Италијанците) со овој термин не ги нарекуваат само салатата од најразлични овошја или компотот од разновидно зашеќерено овошје но и една игра која се игра со измешани карти. Со овој термин дури е наречена и еден вид литературна приредба на која наизменично се цитираат измешано проза и поезија (“La rousse XX siecle”, Paris 1930, IV, 573). Симболиката на сите нив е јасна – измешаноста, што ќе рече истото што како лажна слика го добивале за Македонија Французите од големиот број пропаганди за неа.
Дискусијата за националноста на Македонците, која во текот на XX век се развива има неколку фази. Во европскиот свет се јавува најпрвин прашањето дали тие се Грци или Бугари а нешто подоцна и Срби (до смртта на кнезот Михаил 1868 год., српската влада има други цели и сфаќања). Вака поставеното прашање однапред го сугерира одговорот, зашто не разгледува воопшто евентуална засебност на Македонците. Наместо да се проучува кои се Македонците, соседските пропаганди наметнале сугестивна расправа дали тие се Грци, Бугари или Срби ! Вака поставеното прашање за карактерот на македонскиот народ произлегувало не од фактот дека тие навистина биле Грци или Бугари, туку од нејаснотијата на проблематиката, која произлегувала од етничкиот состав на населението, од една страна, и од поделбата не на етничкиот принцип, туку на основ црквената припадност од друга страна. Бидејќи Македонците првично припаѓале на цариградската патријаршија и “грчката” вера, а според етничката припадност – Македонци, грчките и бугарските националисти сакале оваа двојност да ја искористат секој за своите тесно национални интереси. На едните им сметало македонското потекло а на другите црковната припадност. Заради ова започнале и кавгите.
Грчките националисти, сонувачи на “Голема Елада” во ова време на кавги почнале пред Европа да “докажуваат” дека Македонците се всушност “словенизирани Грци”, па да сходно на ова тие и припаѓаат на грчката народност и држава. Бугарските пак лидери, кои се поттикнувани од руските словенофили но и српските пропагатори од ова време, го тврделе спротивното, т.е дека Македонците како “Словени” не можат да бидат Грци, туку Бугари. Но додека трае ова докажување за Македонците како Грци или Бугари, во македонските средини се јавуваат и луѓе кои на прашањата дали се едно или другото, одговарале одречно и за двете. За себе тврделе само дека се Македонци, потомци на древните Македонци, свесни дека на вековните македонски огништа од нивните дедовци и не можат да бидат друго. И што повеќе европски и други патеписци и патници ќе доаѓаат, се повеќе ќе наидуваат на овие македонски национални чувства, па ќе ги забележуваат. Кај овие Македонци, преданијата и легендите за нивните дамнешни кралеви, Филип и Александар пренесувани од колено на колено до нивни денови само го воздигаат во нив овој патриотски занес. И што повеќе пропагандите удирале, кај македонскиот народ се поцврсто било уверувањето за нивната македонска национална засебност.
Потпаленото суво ливче во старата и сува македонска шума, што повеќе го дувале страничните ветришта, само повеќе го распалувале се дури не пламнал во силен оган – огнот на македонизмот. А кога тој ќе тргне, ќе ги проголта и ветриштата и туѓите пропаганди, начас ќе го пригушуваат, но само наизглед, зашто секогаш тој пламнувал одново и одново. Огнот на македонизмот е вековен факел, факел кој на мигови само навидум смалувал но да го уништат – никогаш не успеале.
|