Монети со ликот на Филип II на Цареви Кули
Покрај монетите, ископани се и амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, керамика, фигури од малоазиски тип.
Македонските археолози открија наоди од македонско-хеленистичкиот период, на локалитетот Цареви Кули над Струмица. Се работи за монети со ликот на Филип Втори Македонски, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, керамика, фигури од малоазиски тип... Сите овие артефакти укажуваат на фактот дека струмичката тврдина била населена кон крајот на четврти век пред нашата ера.
"Секоја година Цареви Кули не изненадуваат со нови и нови податоци, а лани добивме одредени сознанија кои говорат дека можно е да имаме материјални остатоци и од петти, односно од четврти век, од времето на Филип Втори. Истражувањата покажаа дека во четврти век на Цареви Кули имало одредена активност, најверојатно имало и населба, а некои податоци, пред се садовата керамика, укажуваат на петти век пред нашата ера. Повеќето од јамите се всушност од четврти век пред нашата ера, датирани со монети на Филип втори", рече археологот Зоран Рујак, кој раководи со истражувањата на локалитетот.
Локалитетот Цареви Кули во различни периоди од историјата се користел за различни намени, а досегашните откритија само го покажуваат континуитетот во културата на Струмица. Зоран Рујак вели дека Струмица како град, заедно со својата околина, има континуитет во културата веќе 7000 години.
Оваа година истражувањата на Цареви Кули се финансирани од страна на Владата на Македонија, и претставуваа дел од нејзините капитални проекти. За оваа намена годинава се одобрени околу 3 милиони денари. Доколку се продолжи со вакви успешни наоди, најавена е поддршка од Министерството за култура со најмалку уште толку средства за завршување на започнатите работи, кои ќе траат до крајот на годината.
21.04.2009
|