Филмот "Јас сум од Титов Велес" на Теона Стругар Митевска од вчера започна да се прикажува во Франција. Предвидена е дистрибуција во осум градови, а во Париз ќе се прикажува во три кино сали. Во култното "Reflet Medicis", каде што завчера се случи премиерата, филмот ќе остане на репертоар четири недели.
- Јас сум од Титов Велес беше пречекан со одушевување во францускиот печат и беше најавен во повеќе од дваесет највлијателни весници и магазини, вели продуцентот и актер, Лабина Митевска.
Угледниот "Liberation", во својата критика го најавува "Јас сум од Титов Велес" како: "Единствен и убав македонски филм..
Во едно од највлијателните светски филмски списанија "Chaires du cinema", кое се смета за библија на светската кинематографија, започнато од француските автори Годар, Трифо и Шаброл, се вели:
"Едно од најзачудувачките изненадувања на Канскиот фестивал 2008...; неколкуте восхитувачки и оригинални секвенци на сништа влеваат почит со нивната префинетост, овозможувајќи комплементарност помеѓу постсоцијалистичкиот реализам и надреалните лутања...".
Француското издание на филмскиот магазин "Премиер", за авторката
вели: "Остриот поглед на младиот режисер и прекрасното светло на директорот на
фотографија Виржини Сен Мартен, ни нудат слики со трајна привлечност..
Во месечникот "Бразил", чиј основоположник е Тери Гилијам, се вели:
- "Јас сум од Титов Велес" е без сомнение блиску до ремек дело, зборува за
суштината на животот, без било кога да западне во некакакво клише... Ви ја
симнувам капата госпоѓице Митевска", пишува новинарот Ерик Кобарт.
"Телерама", пак, пишува: "Амбициозен во филмската форма, привлекува со своите карактери", додека во "Studio Cine Live" се вели: "Јас сум од Титов Велес заслужува аплаузи".
Филмот на Митевска во Франција ќе се прикажува до крајот на мај.
(Де.Т.)