Ајнеј ги основа Латините
Првата книга од обемната “Ab Urbe condita” на Тит Ливиј по случувањата со Атенор и Енетите продолжува со вториот лик Ајнеј кој пак доаѓа во средишниот дел на Италија.
Бегството на Ајнеј од Троја според средновековна илустрација
Ајнеј е со слична несреќа како и Атенор го остава домот, но судбината го води кон повозвишени нешта. И тој како водач на Тројанците кој ја преживеал војната со остатоците трга најпрвин кон Македонија. Целиот север над Ахаја е во некаква цврста врска (државна?) со Троја зашто и Дарданците и Пеонците и Пелагонците и Тракијците и др., сите се борат за Троја а против здружените племиња од југ (Ахаја т.е Грција). Ајнеј како потомок на Ѕевс и Дардан е син на принцот Анхис и божицата Венера (Афродита) па одењето кон Македонија е некакво враќање во “родната” и блиска Дарданија (потомок на Дардан). Не се знае за живеењето во Македонија зашто набргу заминува на Силикија (барајќи живеалиште) а од таму со бродови пристига до Лаурентиското Поле, средна Италија.

Како и при пристигањето на Атенор на италско тло, сега и Ајнеј на местото каде пристига го дава името – Троја. Очигледни се чувствата кон некогашниот моќен град штом и двајцата враќајќи го ова име како да не сакаат да замре. И Тројанците под Ајнеј ќе се судрат со староседелците (Аборигините) од кои почнуваат да го собираат родот по полињата, зашто освен бродовите и оружјето ништо не им преостанало.

Аборигините биле митски народ, најстар од средна Италија. На чело бил кралот Латин кој е и епонимен херој на Латините како крал на Латиј. Првпат ова име се споменува кај Хесиод (VII век п.н.е). Според најстарото предание Латин бил син на Одисеј и Кирка а според римските легенди тој е последниот крал на најстариот народ во Латиј.

Пред Латин кралеви на Аборигините биле: Сатурн, Авентин и Фаун. Во римските преданија Аборигините се сметаат за автохтон народ зашто и името тоа го означува (“Ab”= од , “origine”= почеток), но познато е и нивното доселување тука, некаде од кај Ахаја.

Како се завршува судирот помеѓу Аборигините на Латин и Тројанците на Ајнеј? Има две приказни, едната дека Латин е победен и принуден да склучи мир со Ајнеј (подоцна и родбински се поврзале) а другата е поинтересна. Имено, според неа двете војски се построиле за судир и пред да биде даден знакот за напад, Латин истапил напред и ги повикал првенците од дојденците. Кога овие дошле, ги прашал кои се, од каде се и каква мака ги притиснала та си ги оставиле домовите?

Разбрал дека водач им е Ајнеј, син на Анхис и Венера, дека татковината им е спалена па бараат место за нов град. Латин се одушевил од благородноста на племето по тело и душа но и од спремноста било за војна било за мир, па ја пружил раката за пријателство и сојуз. Откога водачите склучиле сојуз и војските се поздравиле, Ајнеј оди на гости кај Латин. Тука Латин пред “пенатите” освен државниот склучил и приватен сојуз та му ја дал ќерка си за жена на Ајнеј.


Култот на Пенатите во Италија го пренел Ајнеј од Троја

“Пенатите “ (“Penates Dii”) биле куќни и фамилијарни богови чувари на домашното огниште, нивниот култ е пренесен од Троја во Самотракија а од таму, токму Ајнеј го носи во Италија. “Пенатите” како куќни култови се поврзани и со Ларите, а како заштитници на државата и со божицата Веста. Жртвеник им е домашното огниште. При секој оброк а и позначаен семеен настан им се принесувало жртва. Средиштето на култот на државните “пенати” било во храмот на божицата Веста.

Новиот сојуз можел само пред вакво божество да ја има сериозноста на добрите намери. Зацврстила надежта на Тројанците дека завршиле нивните лутања. Аборигините пак се избавуваат од евентуална слична судбина како на Еугенејците при судирот со прекалените Тројанци.

Ајнеј набргу основа град кој го нарекува по името на својата жена – Лавиниј а со неа добива и машко дете, Асканиј (според друго предание синот се викал Јул, од што и потеклото на царското семејство Јулиевци во Рим, од кои е и Август).

Но новиот сојуз ги разлутува соседните кралства. Прв е оној кому првично му е ветена Лавинија, кралот на Рутулите, Турн. Тој е со високо потекло и е сличен на ахајскиот јунак Ахил а неговите Рутули биле народ во Латиј со средиште во градот Ардеа. Сепак војската му е поразена од војската на Аборигините и Тројанците. но овие го изгубиле кралот Латин во битката. Турн со остатоците од Рутулите пребегуваат кај Етрурците. На чело на моќното кралство од Етрурците е кралот Мезентиј кој не е задоволен со основањето град од новодојденци та склучува сојуз со Рутулите. Мезентиј владеел во градот Кајре, тогаш раскошен и голем град.


Етрурците биле најмоќниот народ од староседелските народи на Апенинското тло
 
Ајнеј по смрта на Латин е единствениот водач, свесен дека мора да го зацврсти единството меѓу двете племиња пред предстојните војни, ги обединува во единстевно име – ЛАТИНИ. Со ова ги придобива Аборигините зашто новиот народ- соединение од двете племиња го дава името на последниот им штотуку починат крал – Латин. Со ова, си ја осигурал цврстата позиција во средината каде е туѓинец, зашто покрај неговите соплеменици целосно ги придобива и Аборигините. Ова и личи на него, својот тактички сенс го докажа уште кога на новооснованиот град му го дава името на сопругата со што го придобива татковото и срце но и на Аборигините. Со обезбедено единство, Ајнеј повеќе не се плаши од моќта на Етрурците та ги поведува четите низ Апенините. Војува и на море и на копно, од Алпите до Сикулскиот Залив, долж цела Италија го прославува своето име и името на Латините. Нешто подоцна кога загинува, погребан е на реката Нумик (извира од Албанските планини - денес Монти Албани во Италија и се влева во Тиренското Море), ќе го наречат “Обожаван Јупитер”.