Теророт во Македонија по 1929 година
Големосрпската владеачка клика и кралот Александар Караѓорѓевиќ сакајќи да го премавнат парламентаризмот и да воведат диктатура со која ќе го зајакнат хегемонистичкото владеење и унитаризмот, одат со екстремни мерки.
Така, кралот Александар врши државен удар на 06 јануари 1929 год., го укинува Уставот, го распушта народното Собрание и самиот се прогласува за “носител на сета власт во земјата”. Истовремено кралот формално поставува влада од политичари во служба на српскиот двор, на чело со Генералот Петар Живковиќ како Претседател.


Обзнаната од 6 јануари 1929 година со која се воведе диктатурата

Нешто подоцна е дополнет и Законот за заштита на државата, забранети се и распуштени сите партии со верски и племенски белег а независните синдикати се први на удар. Диктаторскиот режим воспоставува невиден терор низ целата земја.

Особено Македонија е на удар, во неа белиот терор доби најшироки и најжестоки форми. Први на удар се македонските национални и интелектуални илегални и полуилегални организации и друштва, но и други граѓански организации. Македонија е во силни акции на апсења и следења на се што е сомнително. Најжестоки акции се спроведени во Куманово, Велес, Кавадарци, Прилеп но и др. градови на Македонија. Целата жестина е на македонската национална клика, летото 1929 год. особено страда ВМРО (Обединета) чии 113 повидни раководители, членови и логистички поддржувачи се уапсени и жестоко мелтретирани. Во тешка положба се и селанството и младината на Македонија.


Се прогонуваат македонските национални и прогресивни сили и илегалниот печат

Големосрпската клика ја сфаќа опасноста од инетелектуалниот македонски млад кадар па оди во законско укинување на сите можни училишта во Македонија. Со Закон оваа година се затвараат гимназиите во: Струмица, Ресен, Кавадарци и Кичево. Укинати се и нижите гимназии во: Гевгелија, Кавадарци, Кочани, Струга, Ресен, Дебар и Гостивар. Исто така дотогашните полни гимназии во Велес, Куманово, Штип, Прилеп и Охрид се претворени во неполни гимназии, а Учителската школа во Прилеп е затворена. Намалувањето на просветните институции во Македонија продолжи и во наредните години.

Овој Закон за забрана и затварање на училиштата беше наменет само за Македонија и се применуваше само во Македонија. Ова сосема јасно ја покажува дискриминаторската политика на властите и нивната цел: духовно осакатување на македонскиот народ. Ова предизвика силен бран на незадоволстство ширум Македонија. Источниот дел на Вардарска Македонија со повеќе стотици илјади население, остана без ниту една Гимназија или средно училиште. Укинувањето на училиштата и намалувањето на гимназиите наедно значеше и оневозможување, за период од 10-12 години нормално школување и создавање кадри од редовите на домашното население, што пак остави полседици за македонскиот народ. Со ова на и онака крајно запоставените народни маси во Македонија, им се нанесуваа далекусежни штети во просветувањето и образувањето што пак сопираа побрзиот развој на стопанскиот и културно-политичкиот живот. Големосрпската клика беше исплашена од процесот на будење и создавање македонска интелигенција заради што најгрубо се нафрли да ги сече со сите средства. Тргна во мисија македонскиот народ да остане непросветен за полесно да го потиснува и ограбува.


И Ајнштајн е еден од потписниците на петицијата од 150 видни интелектуалци против апсењата на кумановската група во 1930 г.
Наредната 1930 год. беше исполнета со секојдневни апсења ширум Македонија. Куманово беше најжестоко прогонуван град со најмногу уапсени лица. Така Киро Бурназовски, Михајло Илиевски, Трајко Стаменков и др. (15 –тина на број) на 01 фебруари 1930 год. Судот за заштита на државата ги осуди на 63 години робија. На овие пресуди, востана цела Европа па протести вложија преку 150 видни интелектуалци на Европа и светот меѓу кои беа и потписите на Џавахарлал Нехру, Егон Ервин Киш, Алберт Ајнштајн и др.