Истражувањата на Жан Жорж Дретас
Истражувањата на Жан Жорж Дретас во Егејска Македонија од 1972-1974 год.
Жорж Дретас студиозен истражувач на малцинските религии и права
|
JEAN-GEORGES DRETTAS: “LES NOTRES”, Un exemple de contracts interthniques en Macedonine, village de Hrisa (Grece). Etudes balkaniques. Sofia, 1977/XIII, No 3, pp. 56-70.
Статијата на Жан-Жорж Дретас (Јean Georges Dretas) првично замислена како студија за дијалектот на Грците во с. Цакони (Хриса), во долината на р. Мегленица, Воденско, ги надминала овие иницијални рамки и попримила карактер на демографска, етнолошка, социолошка и лингвистичка студија за населението во оваа село.
Студијата е резултат на истражувањата од авторот кој престојува во оваа село во 1972 и 1974 година и е презентирана на III-от конгрес за балканските и југоисточните европски студии, оддржани 1974 година во Букурешт. Истата е објавена и во списанието “Балкански студии“ (“Etudes Balkaniques”), издадено во Софија во 1977 година.
По основните податоци за географската положба и кусиот осврт на стопанството (главно земјоделието), Дретас посебно го разгледува етничкиот состав на населението. Врзано за ова тој ги дава историските настани и демографските измени во областа, почнувајќи од 1912 год. кога Македонија се раскинува како целина а Воденско е вклучено кон Грција. Авторот сепак истакнува дека најголемите демографски промени се случуваат од 1921-1924 год., кога како последица на грчко-турските договори за размена на населението “...на местото на Турците во селото доаѓаат понтиските Грци “(под “Турци” се вбројуваат и Македонците-муслимани).
Според Дретас, по 1924 год. Цакони е составено до две групи:
А. Грци – Понтијци и
Б. Автохтон народ од Воденско (селата Горно-Пожарско, Саракиново и др. околни села).
Првата група е со 69 куќи а втората со 96 куќи или семејства и според авторовите демографски истражувања тоа се две потполно различни етнички групи со одредени “...културни разлики, меѓу кои најбитната е јазичната“.
Етничката засебност е согледана дури и во поделбата на селото со реска граница претставена со патот, на едната страна се Грци а на другата автохтоното население со домови различни од грчките по големината и пространите дворови.
Реонот на Пожарско, предмет на истражувањата на Дретас
Се е поделено всушност во оваа село. Така тоа има дури и две цркви – “Св. Георгија”, изградена 1930 год. на самиот крај од грчкото маало и “Св. Параскева “, далеку постара и во самото срце на маалото од автохтоното население. Засебни се и гробиштата, иако припадници на иста вера, Грците ни мртвите не сакаат да ги погребуваат до автохтоните – Македонци.
Авторот констатира разлики и во структурата на семејствата како основна социолошка единка. Кај Грците тоа е структурално вертикална, а кај автохтоното население по вертикална но и хоризонтална линија. Затвореноста донекаде селскиот жител ја разбива во црквата и кафеаната како некакви интегративни точки.
Јазиците според авторот најмногу сведочат за различните етникуми. Укажувајќи дека грчкиот јазик е во употреба и кај двете групи, авторот се задржува на особеностите на секоја група: “...кај групата А тоа е понтскиот, а кај групата Б - славомакедонскиот“. Според Ж. Ж. Дретас, говорот на Славомакедонците бил долго забрануван што ја ограничило неговата употреба.
“Јавно, тие говорат грчки, но во кругот на семејствата, на пазар и в кафеана го говорат својот јазик кој не е од грчките дијалекти”, вели Дретас.
Студијата е илустрирана и со две табели. Првата ги содржи имињата со кои Грците го нарекуваат македонското население: “Елинес, `Ндопи (месно население) и “МАКЕДОНЕС“ името со кое самото население се нарекува – МАКЕДОНЦИ. Втората табела ги содржи термините со кои се означува јазикот на Македонците: “та `ндопика“, употребуван од Грците и “македонски“, употребуван од Македонците.
Врзано за ова интересен е изводот од кусиот разговор на авторот со еден 25-годишен земјоделец, син на семејството од групата Б кој на прашањето:
- “Како се вика вашиот јазик?“, лаконски одговорил:
- “МАКЕДОНСКИ“.
Авторот забележува и дека меѓу двете групи постои латентно непријателство. Барајќи ги причините за ова авторот се запира на една од нив – начинот на кој се воспоставуваат родбинските врски со склучување бракови. Констатира дека Грците често се женат за Македонски, но Македонците не земаат жени од Грците со што “...ја одбиваат единствената вистинска значителна размена“, која би овозможила интегрирање на двете групи. Нему му се наметнува заклучокот дека Грците во Цакони и покрај сите нивни настојувања, се далеку од тоа да бидат во доминантна положба и дека “...во селото, кое е територијалан целина на која живеат двете групи, Понтијците се тие што се странц, луѓе дојдени од некаде“.
Авторот и во заклучокот ќе констатира дека Славомакедонците “...држат некои од централните места. Демографски се побројни и се со поголем прираст“.
|