Српска преписка XVIII
Деспот Баџовиќ, бивш срески начелник од Врање – на Др. Владан Ѓорѓевиќ, Министер за просвета и црквени работи во Белград
Почитуван Господине Министер
Чест ми е да Ви пратам под /./ буквар за основни македонски училишта, кој по Ваш усмен налог го напишав на Македонско наречје.
Дали сум умеел да го напишам овој буквар како треба оставам на Вашата оцена.
Тука да би можел во неколку да Ве запознам со моите назори кои ме раководеа при пишувањето, си земам за слобода, накратко да Ви ги изјавам.
Владан Ѓорѓевиќ, Министер за просвета и црковни работи во Белград
|
1. при распоредувањето на буквите имав на ум, да ги изложам прво оние букви, кои се најлесни, како за изговор така и за пишување. Меѓутоа тие во следните зборови и реченици доволно се повторуваат за да децата добро би ги запаметеле сите оние букви, што ги изучиле.
2. Ракописните и печатните букви ги ставав напоредно така, да кога ќе види една може да види и друга буква. Ова го направив за да кога децата ќе ги изучат ракописните букви, не мораат да се враќаат назад и повторно да изучуваат печатените (како што е букварот на г. Чутурила); што во тој случај на децата им би се убивала вољата, а на учителот му се дава голема работа да повторно покажува како која буква се изговара и каква е разликата помеѓу печатните и ракописните букви.
Подвлечените букви, зборови и ставови ќе се печатат со ракописни букви, а останатите со печатни.
3. Што се однесува до содржината на овој буквар, гледав да изложам по нешто од сите науки, а особено познавањето на човекот, домашните и див(ј)ите познати животни, нашто за овошјето, растенијата, станевите, поколениските поуки, народни изреки, поучни поговорки и.т.н., и на крајот ја ставив и словенската азбука а особено тоа се бара во црквата.
4. Што пак се однесува до јазикот, јас спрема можноста бирав зборови и реченици како што по Македонија се зборуваат. Но бидејќи ТАМУ СЕКАДЕ ЕДНАКВО СЕ ЗБОРУВА, И БИДЕЈЌИ ОБЛИЦИТЕ НА ЈАЗИКОТ НЕ СЕ РАЗВИЕНИ, - затоа се придржував кон Српската граматика што се однесува за облиците. Освен тоа, некои зборови ги употребив како што овде се изговараат, како н пр. Зборовите : рака, пат, гради и.т.н.; а некои со ` како : р`ка, п`т, гр`ди и.т.н.
Како што Ви е познато букварот се предава само во првиот курс, а во вториот се предава читаницата, па ако овој буквар се усвои, мислам, дека ќе настане потреба да и Читаницата се напише со букварот, во кој случај се надевам дека и тоа мене во должноста ќе ми го ставете.
Спрема тоа сметам за чест ако повелете да ме известите како за усвојување на овој буквар, така и за пишување на Читаницата. Во тој случај, што се однесува за мојата награда оставам на Ваша оценка, а јас за се ќе Ви бидам благодарен и признателен.
24. јуни 1888. год. Ваш сум понизен
во Врање слуга,
Деспот С. Баџовиќ
бив. начелник срески
(Извори – Архив Србије, МИД ППO II, 100/1888; Граѓа за историјата на македонскиот народ од Архивот на Србија, том IV, книга III [1888-1889], Белград 1987 год, стр.168-169)
Од писмото се наметнуваат следните факти :
1. Деспот Баџовиќ како бивш срески начелник на Врање а со тоа и најблизок познавач на македонскиот јазик (заради непосредната близина), праќа една своја верзија на македонски буквар до Министерот на Србија.
2. Баџовиќ му го објаснува на Министерот методот со кој се служел при пишувањето на букварот, упростувањата, редоследите и разликите со другите буквари.
3. Интересно, Баџовиќ за во Македонија вели дека “СЕКАДЕ ЕДНАКВО СЕ ЗБОРУВА”, па бидејќи облиците на јазикот не се развиени се придржува кон Српската граматика што се однесува за облиците.
4. Од крајот, се насетува и материјалистичкиот карактер на Баџовиќ покрај “патриотскиот”. Не само што го фали својот буквар а одоколу го куди оној од Чутурула, но и нафрла потреба за Читаница од него пишувана, не заборавајќи да си бара парична награда.
|