Пандев: Ќе падне и Милан

- Не се плашиме од никого и со таков менталитет ќе патуваме и во Милано, изјави најголемата ѕвезда на лацијалите


На два дена до големото дерби со Милан во Серија А, најголема ѕвезда на Лацио, Горан Пандев, за "Газета дело Спорт", изјави дека неговиот тим заслужено е на врвот од табелата. По двете победи во првите две кола, Македонецот, додаде дека неговиот тим мора да ја искористи лошата форма и на големиот фаворит за шампионската титула во италијанската Серија А.

- Нема ништо случајно кога е во прашање нашиот пласман на табелата. Ние сме млада, но многу силна екипа. И пред еден месец кажав и сега ќе повторам, Лацио не се плаши од никого. Со таков менталитет ќе патуваме и во Милано. Изминатата сезона одигравме добро на "Сан Сиро", но не победивме. Сега ние имаме обврска да го победиме големиот Милан. Мора да останеме цврсто на земја. Мора да бидеме најдобри и против "росонерите", изјави Пандев.

Репрезентативецот на Македонија смета дека Милан е далеку поискусна екипа, но шансата за победа ја гледа во младите нозе на неговите соиграчи.
- Сите знаеме дека Милан има сериозен проблем. Но, сите знаеме дека таму играат големи шампиони. Убеден сум дека ова е само еден лош период за "росонерите". Мора да ја искористиме оваа ситуација, мора да ги искористиме нашите млади нозе. Тие се далеку поискусни, но ние сме многу побрзи, изјави Пандев, кој сезонава во првите две кола постигна два гола, на гостувањето во Калјари и дома со Џенова.