Решете го името и се друго ќе заборавиме
Понудата во Владата била доживеана како шок. Со неа, како што велат нашите извори, бил запознаен и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере, затоа што дошла од негов претпоставен во Брисел
Висок претставник на Европската комисија од Брисел во јуни и дал непринципиелен предлог на македонската Влада со цел олеснување на процесот на македонските евроинтеграции доколку прифати промена на името и затворање на македонско-грчкото прашање, дознава Вечер од доброупатени извори. Веднаш по изборите во владиниот кабинет, телефонски се јавил извесен претставник на ЕУ, чие име не се открива, и предложил ако Македонија прифати да го смени името и на тој начин да се најде компромис со Грција, ЕК била подготвена да и прогледа на Македонија за неколку незавршени обврски, а пред се за изборните нерегуларности, и до крајот на годината да ги почне преговорите со Унијата за полноправно членство, откриваат за Вечер високи владини извори. Понудата во Владата била доживеана како шок. Со неа, како што велат нашите извори, бил запознаен и амбасадорот на Европската унија во Македонија, Ерван Фуере, затоа што дошла од негов претпоставен во Брисел. Резултат на одбивањето на таквата непринципелна понуда, беше немањето датум за преговори под словенечкото претседателство со Унијата.
Владата се уште официјално не потврдува за постоење на таков предлог, но владини извори за Вечер, ова го откриваат откако, амбасадорот Фуере неодамна јавно соопшти дека немањето датум за преговори во ноември, ќе значи незавршена домашна работа, а вината не требало да и се префрла на Грција. Фуере минатата недела изјава дека народот не е глупав и дека не треба да се лаже и треба вистината да му се соопшти. Македеонија е свесна за своите слабости и затоа активно работи на нивно отклонување, велат владини извори, кои додаваат дека оваа информација можела да остане тајна доколку Фуере не го кажел она што го соопшти.
Истите извори го прашуваат претставникот на ЕУ во Македонија дали ако за шест месеци се решат некои внатрешни проблеми во Македонија, Фуере може да гарантира датум за почеток на преговорите со ЕУ, ако веќе тврди дека Грција не е проблемот за добивање датум.
Во македонската влада оваа изјава на европретставникот во Македонија ја оценуваат како недипломатска и се изненадени од нивото на која таа е соопштена.
(М.Н.)
|