с. Наколец

Селото Наколец е денес во тажна состојба а по бројните иселувања што во околните градови, што по прекуокеанските, а особена дестинација се САД. Селото е слика интересна за анализа како изгледал амбиентот на наколните населби но и воопшто за населбите на вода.


Имено, тоа се наоѓа на долната источна страна од Преспанското езеро но во минатото живеело над површината на водата.

Куќите пред стотина години сеуште биле подигнувани на дрвени колци за што има бројни сведоштва и раскажувања пренесувани од постарите генерации. Истите велат дека меѓу куќите имало водни улици кои се поминувале со чунови а целиот амбиент бил како во Венеција зашто дури и соседите си иделе на посета со чунови. Целиот живот се одвивал на тие колци и градбите од дрво кои ги крепеле. На нив се сушеле и растегнатите мрежи за риба, алиштата, диплите но и низите риби, додека вкотвени за колците од куќите биле врзани бројни чунови. Можеби затоа селото толку долго си го задржува името за разлика од други кои низ времињата им е менувано.

Селото Наколец денес

Истата слика со ова село за миг е вратена и во 1960 год. кога езерото е пак во селото а црквата Св. Никола е буквално под вода. Тогаш пак жителите како и нивните предци се со своите чунови и за најобични потреби. Луѓето дури и за свеќи палење оделе со чуновите, а во некогашните дворови пак ловеле риби.

Денес иселеништвото од Наколец особено онаа од САД градат викендички и меѓу двете зими навраќаат на одмор и рекреација. На се ова фали обнова на некогашната наколна населба со што би се предизвикале туристите од целиот свет за да ја видат најстарата наколна населба на Европа.

(Користени извори – “Водич низ археолошката поставка” – Музеј на Македонија, 1992 год. ,Скопје; репортажи и натписи - Неделно време бр. 828 од 03.09.2006 год. од Иван Блажевски за наколната населба во с. Наколец и др.)