Водопад Дуф с.Ростуше
Природата била несебична на регионот по долината на прекрасната река Радика, подарилa голем број убавини и реткости што можат да се сретнат на овие простори и никаде на друго место.
Во Долнореканскиот регион има многу скриени убавини кои се далеку од очите на пошироката јавност. Меѓу нив, со својата неповторлива убавина се вбројува ростушкиот водопад Дуф.
Водите се спуштаат низ карпест засек со височина од околу триесетина метри. Притоа, се создава завеса од ситни капки што освежуваат од пешачењето и од тропските горештини. Тука температурата постојано е околу 15 Целзиусови степени.
Напролет, кога се топат снеговите од планината Крчин, водопадот е многу поголем и глетката е поимпресивна.
Жените од Ростушкиот регион на бистрите води од водопадот пред неколку децении ги переле алиштата и рувото, се подготвувале за празниците и свадбите. Исто така, водите се користеле за производство на струја во првата електрична централа што била изградена во регионот.
|