Самиол заедно со неговите браќа Давид, Мојсеј и Арон го основаат Самоиловото царство
|
Византија одбила да им плаќа данок на Бугарите и успеала, давајќи му богати подароци, да го наговори воинствениот киевски кнез Свјатослав да ја нападне Бугарија32. Македонија не била засегната од нападите на кнезот Свјатослав. Таму, во Охридско-Преспанската област управувал комесот Никола со своите четворица синови, комитопулите Давид, Мојсеј, Арон и Самуил. Четворицата браќа ја искористиле нестабилната и несредена ситуација во Бугарија за да ја отфрлат врховната бугарската власт и да се осамостојат. На териториите на Западна и Југозападна Македонија комитопулите во 969 година формирале своја држава со престолнина во Преспа, на островот Св. Ахил. Оваа држава подоцна ќе стане позната како Самуилово Царство, а покрај Преспа, престолнина на државата ќе стане и градот Охрид.
Во почетокот четворицата браќа владееле заеднички со државата, односно била воспоставена тетрархија (четиривластие). За да ја зачуваат државата комитопулите се согласиле да ја признаат врховната византиска власт33. Но, иако ја признале врховната власт на императорот Јован I Цимиски, комитопулите имале голема самостојност во владеењето34.
По смртта на Јован I Цимиски35, во почетокот на 976 година, комитопулите ја отфрлиле византиската власт и започнале самостојно да владеат. Тие веднаш започнале енергични воени акции против Византиското царство и успеале значително да ги прошират териториите на македонската држава. Меѓутоа, набрзо во борбите загинале двајца од браќата: најстариот брат Давид бил убиен од некои Власи на просторот помеѓу Преспа и Костур, а вториот брат Мојсеј загинал при опсадата на градот Сер, во Источна Македонија.
По битката кај Трајановата Врата дошло до меѓусебни несогласувања и до раздор меѓу Самоил и Арон
По загинувањето на двајцата постари браќа, наместо дотогашната тетрархија, во државата настанала дијархија, т.е. останале да владеат двајцата помлади браќа Арон и Самуил. Тие заедно се бореле и во битката кај Трајановата Врата (Ихтиман) во 986 година и во другите воени потфати, со цел да ги прошират државните граници. Но, заедничкото владеење на Арон и Самуил не траело долго. По битката кај Трајановата Врата дошло до меѓусебни несогласувања и до раздор меѓу браќата. Како што известува историчарот Јован Скилица, главниот извор за историјата на Самуиловата држава, Арон сакал да ја приграби сета власт во државата за себе. Поради тоа, се приближил кон Византија, надевајќи се дека таа ќе му помогне да ја земе власта во државата. Меѓутоа, во борбата за престолот Самуил бил поуспешен. Тој разбрал за плановите на својот постар брат и решил да го ликвидира. Двата византиски хроничари - Скилица и Зонара, секој подетално и независно еден од друг, тврдат едно исто - дека Самуиловиот брат Арон се стремел "сам да си ја обезбеди власта" и покажал склоност за соработка со Ромеите36. Така, Арон бил убиен по наредба на Самуил. Според суровите закони на средновековието судбината ја споделило и целото негово семејство. Арон заедно со целата своја фамилија бил убиен во околината на Раметаница, во 986 година. Се спасил единствено син му Јован Владислав, благодарение на залагањето на неговиот братучед Гаврил Радомир, синот на Самуил. Јован Владислав, по повеќе од четири децении на притаена омраза и завист, му се оддолжил на Гаврил Радомир за подарениот живот враќајќи му со смрт. Околу причините за убиството на Арон, постои и едно интересно поразлично толкување. Имено иако Скилица-Кедрен, наведува дека постоеле четворица браќа комитопули, историчарот С. Адонц користејќи ги податоците на двата источни писатели Асолик37 и Јахја смета дека постоеле само двајца, односно еден комитопул. Имено Асолик и Јахја правеле разлика помеѓу Самуиловото и Ароновото семејство. Додека имињата Мојсеј и Арон се старозаветни, библиски, дотогаш имињата Давид и Самуил биле чести помеѓу ерменските феудалци38. С.Адонц се повикува и на споменикот од 992/993 година каде се споменува само еден Самуилов брат - Давид. Арон и Мојсеј според Адонц биле синови на една Ерменка и на Јован, брат на царот (бугарски) Петар (927-969), кој по неуспешната побуна бил затворен во манастир. Со тоа, според Адонц, би се објаснило зошто Самуил го убил Арона, па и подоцнежните судири во семејството, како и различните убиства и одмазди. Понатаму, тој смета дека забуната настанала заради тоа што Арон и Мојсеј биле од ерменско потекло по мајка па се помешани со Самуил и Давид, кои биле со чисто ерменско потекло. Сепак овие комбинации на Адонц се сосема неприфатливи, не само затоа што Асолик не е особено сигурен извор, помеѓу другото, туку и затоа што ни нему ни на Јахја односите во семејството на комитопулите не им биле сосема јасни (Јахја на пример и инаку ги меша имињата, такашто и Петар и Роман ги нарекува Самуил)39.
По убиството на Арон единствен владетел на македонската држава станал Самуил40. Под својата власт Самуил ја обединил цела Македонија (освен Солун), старите бугарски земји помеѓу Дунав и балканските планини, Тесалија, Епир, дел од Албанија со Драч и поголемиот дел од српските земји. Се прогласил за цар и во новонастаната држава ја воспоставил бугарската патријаршија, која претходно била укината од Византијците.
Иако во бугарската историографија оваа нова држава на Балканот се нарекува Западно бугарско царство, неспорно е, според повеќе историчари дека "се работи за држава на Македонските Словени"41. Чувството дека Самуиловата држава "е нешто ново и по центарот и дури по етничкиот состав на централните области" се манифестирало кај различни странски историографи. Секогаш внимателниот Јиричек, пишувајќи за Самуиловата држава наведува дека непријателите на Василиј II редовно се нарекувале "Бугари" во грчките, арапските, ерменските извори, а исто така и кај Поп Дукљанин. Литаврин, пишувајќи за Бугарија и Византија, се оградува од постојните етнички проблеми. Кога станува збор за "Бугарите" и за "Бугарија", во тоа време, Литаврин ја потцртува условноста на таквата терминологија42.
Најчесто византиските писатели под Бугари го подразбирале населението кое живеело во рамките на бугарската држава. Во X век се уште под тоа име не се појавуваат жителите на Бугарската тема, бидејќи таа е основана дури во почетокот на XI век. Во поранешниот период називот бил ограничен на т.н. протобугари, но набрзо се пренел на државата и целото нејзино население, на постарите словенски племиња и на се уште етнички различните Бугари. Во таа смисла треба да се сфати Скилица: кога зборува за Бугарите, тој мисли на населението на бугарската држава од периодот на Петар, па според тоа, смета Острогорски дека е "илузорно да се спуштаме во етничките разликувања врз основа на неговите податоци". Кога византискиот цар Јован I Цимиски поставил конкретни територијални барања тој не се служел со релативно неодредени поими, како што е "Бугарија", туку јасно барал Свјатослав да ја напушти Мизија, која припаѓа на Ромеите и која некогаш била дел од Македонија. Од друга страна помеѓу јужнословенските племиња немало големи разлики ниту пак Византијците нив ги чувствувале целосно43. Резимирано, можеме да кажеме дека византиските автори и некои западни извори до крајот на X век под Бугари во етничка смисла разбираат народ сроден на Хуните, Аварите, Хазарите, Котрагите и Куманите44.
Зборувајќи за карактерот на Самуиловото царство, и Георгие Острогорски укажува дека реално, ова царство било идеолошки поврзано со старото бугарско царство, па затоа и самите негови творци и Византијците го нарекувале бугарско, бидејќи традициите на царството и на патријаршијата, освен во Византија, постоеле само уште во Бугарија. Самуил ги прифатил тие традиции и го превзел наследството на Симеоновото и Петровото царство, кое паднало под ударите на Византија во 969 година45.
Но, во суштина неговото царство значително се разликувало од царството на Симеон и Петар46. И по состав и по карактер тоа било ново царство. Неговото тежиште се поместило кон југозапад и Македонија го сочинувала неговото јадро. Затоа, денес е апсурдно повикувањето на бугарскиот карактер на македонскиот народ (кој нема Протобугари во својата етногенеза), зашто се работи за два различни народа, со различна етничка смеса во која повидлив заеднички етнички супстрат биле Словените, како и кај повеќе народи во Европа.
За време на владеењето на Самуил (976-1014) македонската држава го доживеала својот најголем процут. Самуил бил многу талентиран и вешт владетел, војсководач и дипломат. Постигнал големи успеси во војната против Византија и успеал да ги прошири териториите на својата држава надвор од границите на Македонија. Под своја власт ја обединил цела Македонија (освен Солун), а потоа ги потчинил и околните, како и некои од подалечните балкански земји.
Користејќи ја тешката ситуација во Византија, која била зафатена со внатрешни немири, Самуил за кусо време успеал да освои голем дел од византиските територии на Балканот47. Византискиот император Василиј II (976-1025) се обидел да го запре ширењето на Самуиловата држава. Меѓутоа, во битката што се одиграла во 986 година кај Трајанова врата (денес Ихтиман кај Софија) Византијците претрпеле катастрофален пораз. По оваа голема победа Самуил ги освоил Источна и Североисточна Бугарија и ги проширил границите на македонската држава до делтата на реката Дунав. Потоа, војувал во поширката околина на Солун, каде што го освоил градот Бер (989 го-дина). Овие успеси на Самуил, Јован Геометар го опеал со зборовите: Горе кометата го палеше етерот на вселената, а долу комитот со оган Запад го пустошеше"48.
Кон средината на 90-те години на X век Самуил, од околината на Солун, превзел поход кон јужните делови на Балканскиот Полуостров. Со голема војска навлегол во Тесалија, Беотија, Атика, а преку Коринтскиот теснец стигнал и на Пелопонез. Во меѓувреме, Византијците успеале добро да се подготват и да ја дочекаат Самуиловата војска, која се враќала од походот. Во битката што се одиграла во 996 година кај реката Сперхеј (во близина на Термопилите) Самуил претрпел тежок пораз. Тој бил ранет во битката, но успеал да се спаси со помош на син му Гаврил Радомир и да се врати во Македонија
Поразот кај Сперхеј не го поколебал Самуил. Набрзо потоа тој превзел
нов поход, овојпат на запад, кон Јадранското приморје. Без поголеми тешкотии ја освоил Дукља49, а потоа се упатил кон северозапад и поминал низ Далмација. Не успевајќи да освои ниеден приморски град, ниту пак остров, Самуил со богат плен се вратил во Македонија и тоа преку Босна и Рашка, кои ја признале неговата власт.
По успешниот поход на запад дошло до значително проширување на границите на македонската држава. Во нејзиниот состав сега биле вклучени поголем дел од балканските земји. Власта на Самуил ја признавале: Тесалија, Епир, Албанија, Дукља, дел од Далмација (до реката Цетина), Босна, Рашка и поголемиот дел од Бугарија. Самуиловата држава се протегала од Црното Море на исток, до Јадранското Море на запад, од реките Сава и Дунав на север, до Грција на југ. Таа претставувала најголема држава што била формирана на Балканот по доселувањето на Словените. Македонија била центар на оваа голема држава. По успешните воени походи и големите територијални проширувања на државата, кон крајот на X век (997 година) Самуил се прогласил за цар, а македонската држава станала царство. Самуил ја добил круната од римскиот папа, а чинот на крунисувањето го извршиле свештеници испратени од Рим. Со крунисувањето на Самуил за цар со благослов на папата Григориј V (996-999), македонската држава добила меѓународно признание и се наредила во редот на најиознатите држави во тогашна Европа.
Но, Самуиловото царство не доживеало мирни денови, особено во непрекинатото четиригодишно војување против византискиот император Василиј II Ова војување предизвикало внатрешни немири, а се јавило и предавство од управниците на одделни градови. Самуил постепено ги губел териториите. Најпрво го изгубил Скопје, а потоа и Драч благодарение на предавството на неговиот зет Ашот и ќерка му Мирослава. Ашот уште по пристигнувањето во Драч почнал да крои планови како да го предаде градот на Византијците. Јован Скилица соопштува дека Ашот по добивањето согласност од жена му Мирослава за неговиот план50, влегол во врска со Јован Хрисилиј за чија ќерка Агата бил оженет Самуил и важел за еден од највлијателните првенци во Драч и пошироката околина. Тој му ветил на Ашот дека "ќе го предаде градот Драч на императорот доколку тој и неговите два сина се здобијат со титулата патрициј". По постигнатиот договор, Ашот заедно со Мирослава го напуштиле Драч и со "ромејски триари, кои пловеле покрај брегот" пристигнале во Цариград. Тука Ашот бил удостоен од Василиј II со титулата магистер, а Мирослава со титулата зости (дворска дама). Ашот му ги предал на императорот и писмата на Јован Хрисилиј со кои тој нудел предавање на градот Драч, доколку бидат задоволени неговите барања. По исполнувањето на барањата на Јован Хрисилиј, неговиот син Теодор во 1005 година му го предал Драч на Евстатиј Дафнимен. Наскоро потоа умрел Јован Хрисилиј, а неговите синови ја добиле титулата патрициј51.
Со ова предавство, губејќи го Драч, царот Самуил бил лишен од најважните воено-стратегиски центри на Јадранот. Василиј II, пак, бил уште повеќе осоколен за преземање нови воени походи против Самуиловото Царство. Одлучната и пресудна битка се одиграла на 29 јули 1014 година на падините на планината Беласица, кај Кјава (Кимба), Лонгу и Клидион. За да ги запре постојните навлегувања на византиската војска во територијата на својата држава, Самуил ја преградил клисурата со силно утврдување (дема) и успешно ги одбивал нападите на византискиот император Василиј II. Меѓутоа, византискиот војсководец Никифор Ксифија, со брз марш по заобиколен пат, ја поминал Беласица и ненадејно од грб ги нападнал Самуиловите војници52. Притоа, биле заробени околу 14-15.000 војници. Поразот на Самуил бил целосен53. Самуил едвај успеал да се спаси со помош на син му Гаврил Радомир и да се засолни во Прилеп.
По трагичниот пораз на Беласица започнала агонијата на средновековната македонска држава. Византијците својот триумф над војниците на Самуил го запечатиле со можеби најмасовното ослепување кое го извршил некој џелат врз некој осуденик во светската историја. Биле ослепени околу 14.000 луѓе, кои во патилата на темнината и неизмерната физичка болка, испратени од византискиот император, стигнале пред својот цар. Крајно потресен од ужасот што го здогледал, Самуил не можел да го преживее тој невиден злочин над неговите војници. Неговото срце престанало да чука на 6 октомври 1014 година, во Преспа. Во суштина ослепувањето на војниците претставувало индиректен атентат врз македонскиот владетел, можеби посуров и пострашен и од самиот чин на директно убиство.
________________________
32-Во 968 г. Свјатослав навлегол со голема војска во Бугарија и успеал да освои голем дел од нејзината територија, но морал да се повлече за да го одбрани Киев од нападите на Печенезите. Во меѓувреме, умрел бугарскиот цар Петар (во почетокот на 969 г.), а на бугарскиот престол се искачил неговиот син Борис II (969-971). Во летото 969 г. Свјатослав по вторпат го поминал Дунав и навлегол во Бугарија. Овој поход на рускиот владетел завршил со целосен успех. Бугарскиот цар Борис II бил заробен и симнат од престолот, а Свјатослав станал господар на Бугарија.
33-Енергичниот византиски џмператор Јован I Цимиски (969-976) го победил кнезот Свјатослав и го принудил да се повлече од територијата на Бугарија. Набрзо потоа, Јован Цимиски ја ликвидирал и бугарската држава (971 година). Бугарскиот владетел Борис II бил одведен во заробеништво во Цариград, а територијата на Бугарија била вклучена во составот на Византиекото царство.
34-Во 973 година тие, самостојно, испратиле свое пратеништво кај германскиот император Отон I, за да му ги честитаат Велигденските празници и да му однесат богати подароци од Македонија. Пратеништвото, кое го предводеле двајца од браќата, Отон I го примил на својот двор во Кведлинбург во март истата година. Со оваа дипломатска акција комитопулите сакале да ја подобрат меѓународната положба на својата држава и да воспоставаг врски со другите европски земји, чии пратеници исто така му го честитале Велигден на германскиот император и престојувале на не-говиот двор.
35-Во 976 комитопулите од корен ја смениле својата дотогашна политика кон византиска држава не сакајќи повеќе да ја признаваат византиската врховна власт. Тие веќе толку зајакнале што биле сигурни дека можат успешно да му се спротистават на моќното Византиското царство и самостојно да владеат.
36-Тончо Жечев, Духът на отрицанието в нашата история, "Предателите и предавствата в бъгарската история, София 1993,19.
37-Асолик или Асохик (Х-ХI в.) бил ерменски историчар. Напишал светска историја во која што ги опишал настаните од создавањето на светот до 1004 г. Помеѓу другото оставил податоци и за Самуиловата држава, како за потеклото на Самуил така и за борбите со Василиј II итн., но овие податоци се доста несигурни. Асолик наведува дека комитопулите потекнувале од кантонот Дерџан во Ерменија и дека од таму ги донел Императорот Василиј II за да се борат против Бугарите. Различни податоци оставила Ана Комнена во нејзиното дело "Алексијада" (напишано во XII век). Комнена наведува дека своето потекло Самуил го водел од некој си Мокр, а тоа се поврзува со областа Мокра која се наоѓала во близина на Охрид. Тргнувајќи од ова тврдење на Ана Комнена, д-р Бранко Панов се приклучува кон тезата дека родот на комитопулите потекнувал од бившата склавинија "Берзитија", т.е. од родовите берзитски кнежевски семејства. (Историја на македонскиот народ, том први,...361-362)
38-Историчарите кои се занимаваат со овој период, помеѓу другото, расправале и за имињата на комитопулите. Овие имиња, очигледно не се словенски, а браќата ги носеле во средина која во најголем дел била словенска. Освен тоа, покрај имињата, односно пред нив не е дадено словенското име, како што бил чест случај во слични ситуации. (на пр. Гаврил-Радомир, Јован-Владислав итн.). Прв Јиричек укажал дека на Истокот старозаветните имиња не биле ретки и дека тие од 9-12 век се појавуваат и на Балканскиот Полуостров, во Венеција итн. Петковиќ додава дека тие се карактеристични и за Арапите, Персијците, Турците и Ерменците.
39-Јован Скилица, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III, (Уредник Георгије Острогорски и Фрањо Баришиќ), Београд 1966,69-70.
40-Самуил бил најмладиот син на комесот Никола и Рипсимија, татко на царот Гаврил Радомир. Во периодот 997 -1014 година бил цар на државата која според него е наречена Самуилово царство.
41-Во своите истражувања, м-р Стојко Стојков (цит. труд, стр 182) се спротивставува на раширеното во науката гледиште за создавање на посебни словенски народи и за исчезнување на (пра)бугарскиот етнос на Балканот во десеттиот век. Тој смета дека тезата за мешање на Бугарите и Словените не се потпира на позитивни изворни податоци и заклучува: "Макар во политичка смисла поимот Бугари да се употребува и за Словените во бугарската држава, на етнички план изворите нив доследно ги разграничуваат. Не се наоѓаат податоци за постоење на свест за постоење на посебни народи, па ниту на словенобугарски. Констатираме дека во ниту еден словенски текст Словените не се нарекуваат себеси Бугари и во ниту еден бугарски текст Бугарите не се нарекуваат себеси Словени!" Во прилог кон ова интересно толкување, би можеле да наведеме некои европски патеписци кои го опишуваат османлиското освојување на Пловдив, при што помеѓу освојувачите и жителите на градот немало разлики (и на двете страни се гледале бричени глави, со перче итн.).
42-За историчарите не било лесно да објасат како и зошто византиските писатели употребувале најразлични називи за словенските племиња (Мизи, Скити, Бугари итн.). Имињата на некои племиња тие ги бележат онака како што им биле соопштени, понекогаш, во зависност од културните склоности или литературни амбиции, им даваат имиња преземени од класичните времиња, се случувало истовремено со класичното име да го наведат и современото или да ги нарекуваат жителите според темата или сосема воопштено според државата, пренесувајќи ги имињата на целото население. Освен тоа, треба да се земе предвид дека гледиштата и сфаќањата на византиските писатели за етничките проблеми се сосема различни од денешните. За нив тие биле или споредни или ги посматрале од гледиштето на припадници на голема, стара, културна држава наспроти варварскиот свет.
43-Јован Скилица, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III, (Уредник Георгије Острогорски и Фрањо Баришиќ), Београд 1966,59-60.
44-Види поопширно: Стојко Стојков, Македонија помеѓу Византија и Бугарија, VII-Х век (политички и етнички односи), магистерски труд одбранет на Филозофскиот факултет во Скопје, Скопје 2003,133-180.
45-Види: Г. Острогорски, Историја Византије, Београд 1970; Воена Енциклопедија, VIII, Београд 1970-1975,330.
46-По смртта на бугарскиот владетел Симон (893-927) на чело на бугарската држава дошол неговиот син Петар (927-969). Петар во 927 година склучил мир со Византија, со што бил ставен крај на долготрајната Византиско-бугарска војна. Откако се оженил со византиска принцеза, Петар бил официјално прогласен за "цар на Бугарите", земјите со кои владеел биле прогласени за "бугарски земји", а поданиците за "Бугари". На тој начин, Византија се држела до востановената традиција, целата територија на Првото Бугарско Царство да се означува како "Бугарија", а сите поданици без разлика на народносната припадност со поданичкиот назив "Бугари". Таквата практика продолжила и по пропаѓањето на Првото Бугарско царство во 971 година, кога неговите поранешни владенија византиските и други писатели продолжиле да ги именуваат како "бугарски", независно од тоа дали се однесувале на македонски, српски или албански територии, а жителите "Бугари" како поданици на бившото Бугарско царство. (Историја на македонскиот народ, том први..., 319-320).
47-Неговите први походи биле насочени кон Солунската област и кон Тесалија. Голем успех на Самуил претставувало освојувањето на Лариса (985 г.), најголемиот град на Тесалија. Од Лариса Самуил ги пренесол во својата престолнина Преспа моштите на св. Ахил, епископ на Лариса во IV век, учесник на Првиот собор во Никеја во 325 годша. По тој повод, со името на овој светител била подигната црква во Мала Преспа, на островот што и денес го носи неговото име (Ахил).
48-Јован Геометар, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III, (Уредник Геор-гије Острогорски и Фрањо Баришиќ), Београд 1966,24-25.
49-Самуил го заробил и владетелот на Дукља, кнезот Јован Владимир кој подоцна му станал зет. Јован Владимир се оженил со ќерката на Самуил, Косара, и бил вратен да владее во Дукља, како вазал на Самуил.
50-Според Јован Скилица, по походот на Солун и пустошењето на неговата околина,"Самуило среќно стигнувајќи дома ја омажил својата ќерка за Ашот, синот на Таронит, откако го ослободил од затворот. Бидејќи во него се вљубила ќерка му и претела дека ќе се убие ако законски не се векча со него. Откако ја направил свадбата го испратил (Ашот, б.н.) со неа во Драч, будно да ја чува областа. Кога стигна таму, се договори со жена си и ја убеди па со неа пребегна на ромејски триери, кои пловеле вдолж брегот заради стражарење....". Јован Скилица, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III, , 91-93).
51-Јован Скилица, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III,, 93-94
52-Македонски историски речник(натаму МИР),..., 68.
53-Според Кекавмен биле заробени 14.000 Самуилови војници, а Скилица-Кедрен наведува 15.000
(Кекавмен, "Византијски извори за историју народа Југославије", том III,.., 202).
ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА
Автори Виолета Аковска и Никола Жежов