Базиликата Студенчишта
Базиликата се наоѓа надвор од ѕидовите на градскиот бедем, сместена на падините на Петринската планина, во непосредна близина на Биљанините извори.
Ископувањата се започнати во 1957 г., а се завршени во 1968 г. кога се откриени: наосот, нартексот, бочните простории и баптистериумот. Оваа базилика е трикорабна со двоен атриум со базен и свечен влез во базиликата. Од јужната страна на нартексот се влегува во комплексот за крштевање. Една правоаголна просторија со апсида јужната страна поврзана е со крстилницата, што зборува дека улогата на оваа просторија била поврзана со актот на крштевањето и истата била наменета за поучување на Катихумените (оние што се припремале за крштевање и примање на христијанството), кои по седум дена поминати во слушање на епископски поуки, биле спремни да влезат во баптистериумот за актот на крштевањето.
Целата внатрешна страна на писцината каде што стоеле верниците била обложена од бел мермер.
Во текот на ископувањата биле пронајдени делови од парапетни плочи со изведени крстови од едната страна, а од другата - листови на бршлен. Според остатоците на мермерните делови од оваа базилика, истата е датирана во крајот на V и почетокот на VI век.
Базиликата во Студенчишта изобилува со подни мозаици, а најмногу ги има во нартексот и средниот кораб. Краиштата на правоаголните простори се покриени со бодури од плетеници во форма на рибарски јазол, а аглите се исполнети со стилизирани бели цветови на лотос. Во кружните полиња, од север спрема југ, се редат птици, риби во вода, кантароси, геометриски орнаменти и др. Во централниот дел се изведени изолирани претстави на птици со гранчиња, риби една над друга, потоа најразновидно овошје: грозје, јаболка, круши, кошарина со репа и др.
Најимпресивна е претставата на кантаросот од кој два пауна пијат вода. Од кантаросот излегуваат две гранки на бршлен со стилизирани листови во срцевидна форма. Гранките го исполнуваат просторот на апсидата, а пауните се изведени стилизирано, со богато перје како да лебдат, а боите се розово-виолетови, жолто-портокалови, сиво-сина, маслинесто-сива, црна и бела боја.
Овде ќе ја нагласиме симболиката на овие претстави. Во бршленовиот лист ја гледаме симболиката на младоста и животот. Паунот, поради тоа што во текот на зимата го губи своето перје кое во почетокот на пролетта повторно се обновува, станува симбол на воскреснувањето на телото, аналогно на општото обновување на природата во тоа годишно време. Така, паунот е телото на верникот којшто отфрленото перје на смртноста го заменува со перјето на бесмртноста. Значи, и во оваа извонредна претстава со споени симболите на бесмртноста, вечноста, Христовото тело и крв. Анализата на базиликалната форма, мозаична декорација и архитектонска пластика наведува оваа црква да се датира во крајот на В и почетокот на VI век.
|