Црквата Свети Ѓорѓи - Курбиново, Преспа

Во преспанскиот регион, близу до живописното село Курбиново, во пазувите на планината Пелистер е сместена црква посветена на свети Ѓорѓи.


 Според времето на живописување, забележано на натписот на северната страна со грчка сигнатура, се претпоставува дека црквата била подигната во годината 1191.

Други посигурни документирани податоци за неа, сe уште не се пронајдени. Таа претставува скромна градба и е од типот на еднокорабни цркви, со полукружна олтарна апсида. Изградена е од кршен камен. Извршените анализи говорат дека храмот, во своето постоење, доживеал извесни оштетувања, најверојатно предизвикани од пожар, по што била сосема напуштена. Во XIX век, црквата во Курбиново била обновена, а во првите децении на XX век, била направена дрвената таваница, проповедалницата, припратата и биле соѕидани северниот и јужниот влез со двата прозора.

Она што импресионира и восхитува во оваа црква е нејзиниот живопис, што заедно со оној од црквата Свети Пантелејмон крај Скопје, претставува едно врвно и оригинално остварување од периодот на Комненската уметност во Македонија. На западната фасада се видливи остатоци на фрески со претстави на женски и машки ликови во цел раст, облечени во царска облека, како и фигура на црквен великодостојник. Најверојатно станува збор за луѓето кои ја изградиле првобитната црквичка. Живописот во ентериерот на црквата е поделен во три зони. Цртежот е експресивен, динамичен со нагласена виткост, живост и раздвиженост на насликаните фигури. Карактеристична е претставата на драпериите коишто, истотака, се барокно разиграни со мноштво лелеави набори. На фреските се илустрирани сцени од животот на Исус Христос и Богородица.

Во олтарната апсида е насликана композицијата Благовештение по којашто оваа црква стана препознатлива и е влезена во аналите на врвните остварувања на византиското фрескосликарство. Од неа се истакнува претставата на Архангелот Гаврил кој речиси прерасна во симбол и препознатлив знак на црквата во Курбиново. Интересни и ретки се претставите на Исус Христос и патронот на црквата, свети Ѓорѓи, од северниот и јужниот ѕид, со монументална величина. Од фреските се издвојуваат, уште и портретите на Ана со нејзината ќерка Марија, Божјата мајка, насликани во долната зона на јужниот ѕид од наосот, како и портретите на македонските просветители, светите Кирил и Методиј во просторот на олтарот.

Претставата на свети Методиј е негов најстар портрет, забележан во сиот Славо-византиски свет. Од нивната спротивна страна се наоѓа фигурата на свети Климент од Охрид. Живописот во храмот Свети Ѓорѓи претставува синтеза на неспоивото во едно единствено цело, спој на неговата врвна елеганција и високата експресивност. Посетата на црквата е едно надлично искуство зашто средбата со овие цртежи го победува чувството на осама и минливост и води во сферите каде рамнодушноста и безљубието не наоѓаат простор.