Црквата Св. Константин и Елена-Охрид

Подигната е на доминантно место, во стариот дел на градот во непосредна близина на црквата Св. Климент. Над јужниот влез од внатрешноста е откриен натпис од кој дознаваме дека црквата е подигната и живописана во 1477 г.


Во натписот се споменува ктиторот- Партение и тој е насликан со модел во рацете. До него е насликана и неговата мајка Марија и синот Михајло. Во архитектонски поглед оваа црква е еднокорабна со попречен полуоблест свод (трансепт). Правоаголната основа е засведена со полуоблест свод и завршува на исток со тристрана апсида.

Подоцна од јужната страна доѕидан е еден мал параклис посветен на великомаченицата Св. Параскева (Петка). Конструкцијата на оваа црква е скоро идентична со двете цркви од XIV век: Св. Богородица Болничка и Св. Ѓорѓи во с. Годивје- Охрид. Целата црква во внатрешноста е живописна. Во олтарниот простор е насликана Св. Богородица Ширшаја, а под неа светите архиереи: Василие, Григородие, Јован и Атанасие. На јужниот ѕид се претставени царот Константин и неговата мајка Елена. Фреските во втората зона ги исполнуваат композициите: “Слегувањето на Светиот Дух”, “Успението на Пресвета Богородица”, “Тајната вечера”, “Молитвата во Маслиновата гора”, “Одрекнувањето Петрово”, “Оплакувањето” и “Погребението Христово”. Во сводот се насликани најубавите ликови на “Бог Отец”, “Бог Син” и “Светиот Дух”. Во тремот на црквата посебно внимание заслужува фрагментарно сочуваната композиција “Заминувањето на Светите воини во борба за победа на Христијанството”.