Костоперски Рид, Младо Нагоричане

На левата страна од патот Куманово-Крива Паланка, на 9 км оддалеченост од градот Куманово, над црквата Св. Петка во селото Младо Нагоричане, се издига еден рид од базалтна карпа што, со својата височина и необичен изглед, доминира над околината.


На него се наоѓа археолошкиот локалитет Костоперска Карпа - Жеглиговски Камен, каде е откриено постоење на повеќекслојна населба со континуиран временски и културен живот.
За животот на овој простор зборува многубројниот пронајден подвижен материјал. Најстарите траги и пронајдоци се од времето на енеолитот, а откриени се и предмети датирани во железното време ИИ. Од IV-III век пне потекнуваат остатоците од керамика, изработена по углед на хеленистичката, а од времето на доцната антика, односно IV-VI век од новата ера, потекнува најголемиот број на откриен материјал.
Од друга страна, со истражувањата откриено е постоење и на објект за кој се претпоставува дека претставувал базилика, потоа траги од бедем, како и 7 средновековни гроба. Последните наоди се од времето на турското владеење, кога е означен крајот на културната историја и хронологија на просторот.
Од посебна важност при истражувањето на овој археолошки локалитет е откривањето на подземниот објект (V-VI век), што се наоѓа во јужниот дел на ридот. Тој се состои од една главна просторија во која се забележани испусти што наликуваат на клупи, потоа два резервоара, ходници, вертикални отвори за проветрување. Во него е забележано присуство на остатоци од голем број керамички материјал.