Во еден повеќевековен процес, нам Македонците меѓу последните ни се падна во задача да создаваме држава и историја.
Но по сиот хаос на Балканот ние ја имаме привилегијата да создадеме објективна историја,со помалку идеологизирање. .
Само онаа традиција која има вредност, живот и доволно универзалност за да биде модерна и денес, може генетички да ја врзуваме со нас.
Сé друго е само предмет на специјализираните науки за минатото.
Тргнувајќи од местоположбата на Македонија, јасно е дека на нејзиното тло се одиграле општествени превирања и потреси, мешање на култури и др., што резултирало со усвитена духовна атмосфера во која се раѓале идеи, философии и религиски толкувања на животот и на смислата за човековото постоење.
Во таа смисла, Македонија станува интересна поради раѓањето и развојот, во историјата, на еден оригинален општествен и културен феномен на нејзино тло - богомилството.
Прифатен е ставот дека еден од центрите на ова ерес е - Македонија ( ерес - учење што отстапува од официјалните догми и вистини на црквата, откриени не со моќта на разумот, туку низ Божјо откровение во рамките на соборноста).
Оттука богомилството се шири на Запад, преку Босна и Сицилија.
Во Македонија интересот за богомилите е присутен во зависност од индивидуалните афинитети, но и од идеологијата. Во социјализмот богомилското движење се проучуваше со класична антицрковна заднина, каде е прикажано како политичко движење за ослободување на македонските Словени од јаремот на црковната Византија, а попот Богомил е небаре Гоце Делчев во X век.
Таквото "читање" на движењето, се разбира, е дискутабилно, бидејќи прашање е колку во тоа време може да се говори за некаква национална свест. Но денес најновите истражувања се пореални и на експертско ниво. Такви се на пример книгите “Богомилското движење во Македонија” од Вера Стојчевска-Антиќ и Драгољуб Драгојловиќ,( реиздание на истражувањето објавено во 1978 г., во рамки на МАНУ) или Докторската дисертација “Богомилството и неговиот одраз во духовната култура на Македонија” на Маја Ангеловска-Панова и др.
Богомилството се јавило во IX-X век во тогашното царство Бугарија во чии граници е и Македонија, и се смета дека траело до XIV век.
Словените како пагани давале отпор кон покрстувањето и кон црковната хиерархија, која главно е од Грци. Можеби и затоа богомилството е средство за дефинирање на идентитетот.
За творец на богомилството се смета поп Богомил од Македонија, но многумина сметаат дека попот Богомил не е историска личност, туку легендарен лик.
Ангеловска - Панова пак е сигурна во постоењето на Богомил, кој е свештеник во официјалната црква и од нижото духовенство, но сепак образован. Се залагал за реформи и искоренување на феудализмот и експлоатацијата.
Во IX век во Новгород, Русија, е забележан пагански жрец кој давал отпор кон покрстувањето на Словените, а се нарекувал Богомил.
Ова укажува дека зборот богомил има словенска традиција, и не значи мил на Бога (богумили) туку богомолец, врач, задолжен да се моли на Бога.
За богомилството има две космички начела: Бог- апсолутно добро, и ѓавол -апсолутно зло, па ова верување се нарекува дуалистичка ерес. Целиот видлив свет е творба на ѓаволот, со се човекот, како тело кое поседува душа која пак, има божествена природа. Богомилите не ги почитувале и храмовите, зашто ги сметале за човечка креација, или во подлабока смисла, за ѓаволско дело (ѓаволот- господар на светот).
Не верувале ниту во бракот и пропагирале живот без сексуални односи .Но некои богомилски групи оделе голи и оргијале, што може да се толкува и како недоследност, но и како вид анархистички антидогматизам. Чаусидис за ова тврди дека таквите постапки ги правдале во тежнеењето да се поистоветат со предгрешниот Адам. Богомилите ги отфрлаат сите свети тајни, ги палеле иконите, а го почитувале само Новиот завет, кој кај нив е во духот на индивидуалното толкување што подоцна е и основен принцип на протестантите.
Бидејќи пишаните книги на богомилите, како и на другите дуалистички учења, се изгубени (палени од страна на црквата), извори за учењето на богомилите се делата на нивните опоненти.
Храброста на богомилството да се спротивстави на феудализмот, покажува дека тоа имало и нагласена социјална димензија. Словените пагани кај кои владеела нагласена родовска демократија, кога при покрстувањето им се натурал феудализам, имале одбивност и кон власта и кон црквата. Без да навлезат во учењето на православието, оваа одбивнст е пред сé кон надворешната форма на институционализирање на слободата.
Во допир со другите дуалистички учења на манихејците, масалијаните, павликијаните кои бегале од прогоните на Црквата и се населувале на Балканот, во еклектички занес се родило и богомилството.
Но дали богомилството е автентичен македонски феномен роден на тлото на Македонија ?
Изгледа дека сите влијанија од другите еретички учења, со влијанијата од Античката философија, богомилите ги синтетизирале во една целина со паганските елементи на Словените. Ова целина е оригинална религиско-идеолошка програма.
И во поглед на природата на учењето и од аспект на неговите философски и етички импликации, сепак богомилството не е оригинално учење.
Еклектицизмот не може во принцип да содржи оригиналност во себе.
Затоа богомилството често се мешало со другите еретички учења во тогашна Византија, ( манихејството, масалијанството и павликијанството, кои со дуалистичкиот концепт за космосот влијаат и врз богомилите).
Фактот што недостигаат оригиналните извори на дуалистите, говори за проблемите на научниците, бидејќи мора да реконструираат врз основа на податоци кои не се изворно богомилски.
Отворено е и прашањето дали воопшто може да постои научна методологија што нема однапред поставена теза и цел или што нема да биде во врска со субјективната перцепција и ограниченост на истражувачот?
Дали навистина овој народ бил толку поврзан со дуалистичките ереси или тие се појавувале на овие простори како и сé друго? Дали тоа било поприфатлива религија отколку православието ? Научната генерализација за тоа дека "Македонија е лулка на богомилството" е тенденциозност.