Тегнет баник со тиква
Тегнет баник со тиква, тестенини
Потребни состојки:

500 гр. брашно
100 мл. масло за јадење (+ )
Малку квасец
Сол

За фил:
500 гр. тиква
300 гр. шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
Масло за јадење
Сусам


Најпрво го подготвуваме филот. Тиквата ја лупиме и ја рендаме од едрата страна на рендето. Во тенџере на оган ставаме да се загрее малку масло за јадење, па ја додаваме ренданата тиква да се пржи. Откако малку ќе опмекне го додаваме шеќерот и ванилиниот шеќер и пржиме уште 5 минути. Тенџерето го тргаме од огнот, а потоа го подготвуваме тестото. Брашното го сееме и го ставаме во подлабок сад, додаваме малку сол, маслото за јадење, многу малку квасец (може и да не ставате квасец) и млака вода колку да се замесе тврдо тесто. Откако ќе го измесиме убаво, тестото го делиме на неколку топчиња и секое топче малку го расукуваме со сукалка, ги намрсуваме од двете страни и ги ставаме во претходно намрсен поголем сад. На масата ставаме чаршав и на него ги тегниме корите рамномерно, полека, почнивајќи од средината, а потоа продолжуваме да тегниме само со прстите додека кората да стане тенка. Откако ќе ја истегниме, ги откинуваме краевите на кората, попрскуваме со малку масло за јадење, ставаме од филот и ја мотаме кората во ролна со помош на чаршавот (подигајќи го од двете страни). Витките ги редиме (по желба) во намрсен плех, одозгора ставаме малку масло за јадење и нарасуваме со сусам. Баникот го оставаме да отстои 5-10 минути и потоа го печиме во рерна на температура од 180оС, околу 15 минути, додека да зарумени.