Под македонското сонце во Прага
Манифестацијата "Денови на македонската култура" од денеска до 24 мај ќе се одржи во Прага, Чешка.
Манифестацијата "Денови на македонската култура" од денеска до 24 мај ќе се одржи во Прага, Чешка.
Со мотото "Под македонското сонце" ќе се претставиме преку спој на традиционалното творештво на Македонија и нашата урбана култура и традиција, како што велат од Министерство за култура, со цел да се претставиме најавтентично, а сепак особено близу до барањата и менталитетот на жителите на старата бохемиска престолнина".
Чесите ќе можат да ја чујат изведбата на камерниот оркестар на Македонската филхармонија под диригентската палка на Борјан Цанев, народната музика на Ансамблот "Стефче Стојковски", творештвото на урбаната легенда Кирил Џајковски, додека бендот "Фолтин" ќе ги придружува уметникот Мирослав Масин, со ликовен перформанс.
Македонската кинематографија ќе биде претставена преку филмовите "Пред дождот" на Милчо Манчевски, "Големата вода" на Иво Трајков, "Црно семе" од Кирил Ценевски...
Ќе биде изведена и претставата "Лебедова песна" од Антон Чехов, во режија на Бранко Ставрев, а македонско-чешките односи ќе бидат презентирани преку промоцијата на трите тома од Државниот архив на Македонија, насловени "Чехословачки документи за Македонија".
Свеченото затворање на манифестацијата е предвидено со балетот "Рајмонда" од Александар Глазунов, во изведба на Македонскиот балет.
Сите настани ќе се одржуваат на еминентни локации низ Прага како: Народни дум, Винохградске Диварло, театар Хиберниа и сл.
За време на манифестацијата, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и чешкиот министер за култура Вацлав Риеделбаух ќе потпишат Протокол за соработка во областа на културата меѓу двете министерства.
(Де.Т.)
18.05.2009
|