Баклава со ирмик
Баклава со ирмик, десерт
Потребни состојки:

1 кг. кори за баклава
200 гр. ирмик
300 гр. сечкани ореви
5-6 лажици шеќер
1 лимон
250 гр. масло за јадење

За шербет:
1,5 кг. шеќер
1,5 л. Вода
2 кесички ванилин шеќер


Прво го правиме филот кој се состои од ирмикот, сечканите ореви, 5-6 лажици шеќер и рендана кора од еден лимон. Сето тоа го мешаме во посебна чинија. Плехот за печење го намрсуваме со масло за јадење и ставаме 3 кори на дното, ставаме од филот, а потоа редиме по една кора и меѓу секоја кора ставаме од филот. Постапката ја повторуваме додека не се потрошат и филот и корите со што за одозгора повторно ставаме 3 кори. Наредената баклава ја сечиме на парчиња и одозгора по целата површина, полека, налеваме со 250 гр. масло за јадење. Баклавата ја ставаме во рерна да се пече на тивок оган околу 1 час (по пореба одозгора ставаме фолија). Потоа го подготвуваме шербетот. Во тенџере на оган ги ставаме водата и шеќерот да зовријат и откако ќе зоврие го оставаме да врие неколку минути додека шербетот не ја добие потребната густина. Го тргаме од огнот и потоа мешајќи, во него ги додаваме 2-те кесички ванилин шеќер и едно парче лимон.го оставаме да отстои 5 минути. Изладената баклава ја прелеваме со половина од шербетот, ја оставаме да отстои околу 2 часа, а потоа го додаваме и останатиот шербет (повторно загреан, до пред вриење). Ја оставаме баклавата да отстои барем 12 часа, за целосно да го прими шербетот.