Економските прилики во развојот на македонизмот
Економскиот фактор е влијателен фактор, некои дури сметаат дека тој ја развива или не граѓанската свест (а дека само развиена граѓанска свест раѓала или не и национална свест).
Но тој сепак, не ја раѓа автоматски националната свест.Точно е дека Македонија при крајот на XIX век во економски поглед е позаостаната од слободните Србија, Грција и Бугарија. Но, пред тоа, во време почетокот од националните движења кај Србите и Грците а нешто подоцна и Бугарите, Македонија не е позаостаната економски од Србија и Бугарија (па и од Грција која е незначително подобра).

Како што јасно покажуваат сочуваните податоци, Македонија во тоа време била економски најразвиената провинција на Отоманската империја на Балканот и значително ги надминува соседните земји и народи. Феликс де Божур, францускиот конзул во Солун, децидно кажува дека во почетокот на XIX век, односот на градското со селското население во Македонија е приближен на оној во западна Европа. Но и покрај ова, примерот со Србија која иако речиси целосно селанска земја, прва меѓу балканските земји трга во ослободување од турското ропство и конституирањето српска нација, го исфрла економскиот фактор како не толку важен виза ви другите фактори. Српското конституирање не е заради некакво посебно чувано силно национално чувство, но заради стратешката поставеност помеѓу две големи сили. Имено, за продор кон Црна Гора и Јадранот или кон Македонија и Егејот, Србија е клучна за Русија и Австро-Унгарија (не случајни се и ослободувањата подоцна на Црна Гора и Бугарија [зад кои е Русија] како и Грција и Албанија [зад кои е Австро-Унгарија] како завршни фази на овој првичен план).

По Србија кон слобода поаѓа Грција, а дури подоцна Бугарија, додека Македонија, која иако во почетокот на XIX век е пред сите нив во економски поглед, по останувањето во рамките на Турција, останува и последна во својот национален развој. Кога е во прашање економскиот фактор и неговото значење во македонскиот случај битни моменти се и следните. Имено, без оглед на тоа што на почетокот, капиталот во Македонија не е исклучиво македонски, туку е и во рацете на Евреи, Власи, Ерменци па и Грци, сепак тој внесува значајни промени во самото македонско битие. Вака етнички распоредениот капитал, од една страна има за поседица прикочување и обид за елиминација на македонската буржоазија, а, од друга страна, бил фермент не само за отпор на младата македонска граѓанска класа кон другите, туку воедно е и постојана причина за раѓање на нејзината национална свест. Недостатокот од поблиски средновековни државни традиции не давале идеен материјал за македонската граѓанска класа да побрзо ја оформи својата национална свест. Оние последните од пред Турците (Самоиловото царство, кнежествата и кралствата од Хрс, Срез, кралот Марко и др.) биле краткотрајни и згазени од вековните отомански ропски услови.

Затоа веднаш се зацврстени оние подалечните македонски државни традиции од Филип и Александар Македонски. Нивната силина и печат биле сеприсутни (преданија, легенди,песни, Библија и разни литературни форми) а друго- затоа што тие за разлика од феудалните творби каде националното име и не играло некоја улога, кај античката македонска државност токму тоа е на прво место. Така, античката држава е со јасно обележано име – Македонија а со истото се и нејзините кралеви, војсководци, војници и народ, за разлика од византиската држава, Самоиловото Царство, кнежествата и кралствата на Хрс, Срез и кралот Марко каде тие и не се во преден план но се различно именувани. Ова не е само случај со Македонија но насекаде (“Византија“- Балкан и Мала Азија, “Бохемија”-Чешка, “Богданска земја”- Романија, “Рашка“ – Србија и.т.н, иако “византиски, бохемиски, богдански и рашки народ” не постои во национална смисла). Во средновековието првенствено место има рангот и носителот на соодветната титула (круна) а народите се со владетелски или месни именувања.

Како и да е, појавата и подоцна ширењето на македонизмот и неговите основни атрибути ќе се навраќаат и наслонуваат постојано во античката македонска државност, нејзината величина и печат кои ги удира во светската историја. За ширењето на нивната улога и блискост со македонскиот народ пресудна ќе е улогата на младата македонска граѓанска класа но и онаа македонска граѓанска класа од емиграцијата. Всушност токму таа, подоцна многу повеќе ќе игра улога во развојот на македонизмот, таа е бројна и постојано комуницира и се движи од и кон Македонија. Со ова, економските услови како фактор во развојот на македонизмот не се важни и да се нужно внатрешни. Барем не во постојаниот поттик и разгор на македонизмот.