Општо за македонското прашање
Ретко кое прашање од богатата европска историја, е расправано и пишувано толку со жолч, алч, пропаганда и зломислие, како македонското. Милиони текстови, студии, книги, расправи, форуми и друг вид материјали се посветени на него низ многуте списанија, весници, радио и ТВ емисии, сајтови.
Особено е богата и дипломатската преписка која жолчно се водела токму по македонското прашање во текот на повеќе децении од XIX и XX век. Сето ова јасно укажува за тоа колку внимание и е посветувано на Македонија и македонскиот народ не само од балканските влади но и од европските. И сето тоа не на било која и било каква Македонија но на Македонија во која покрај Турците, Власите, Евреите, Ерменците и Албанците, токму Македонците се во апсолутно мнозинство.

Јасно, оваа преокупација со националниот карактер на Македонците не произлегува од чисто научна љубопитност за расветлување на прашањето за народноста на овие луѓе, кои на еден простор живеат со векови, туку тие настојувања произлегувале од одредени политичко-стратешки интереси, не само на балканските националистички кругови туку и на големите европски сили. Од последниве, пред се се мисли на Русија и Австро-Унгарија, кои во трката за доминација на Балканот, настојувале Македонија да ја вклучат во своите интересни сфери. Сите тие тоа свое настојување го прават заради нејзината вонредно важна географско-стратешка положба на овој важен и неврлагичен простор.

Бидејќи Македонците и покрај турските колонизирања, исламизирања и населувања други народи во Македонија и понатаму се импозантно мнозинство, тоа ги растрезнувало балканските сосетки дека токму од тоа и ќе зависи чија ќе е Македонија. Балканските владеачки клики, како директно засегнати не само што фрлаат око на Македонија но ги ангажираат и сите свои сили, особено од науката и црквите. Сите тие тргаат во еден правец, Македонците да ги прикажат за “свои“ само времено отсечени “Бугари“, “Грци“ или “Срби“, а се со цел да при конечното решавање на македонското прашање неизбежен да е принципот на народноста, се разбира разбран на нивни начин.