Џилит (мало копје)
Џилит е вид мало копје за фрлање, со кое се до почетокот на XX век се изведувала истоимена игра во арапските но и турските земји на Средниот исток.
Името потекнува од арапскиот збор “dzerid” што значи палмина гранка без лисја. Во Турција се нарекува “dzirid” и “dzirit”. Џилитот-копје за игра е дрвено без железен шилец, а должината му е 0,75-1,5 метри.

Џилитот на Средниот Исток достасал со Џингис Кан во XIII век и се проширил во сите турски земји со освојувањата на Османлиите. Тој станува омилена војничка и народна игра која се состои во натпреварување на коњаниците и пешаците во фрлање на далечина, во цел или пак во меѓусебно гаѓање. Според некои извори Турците го пренеле во арапските земји (Египет, Сирија, Алжир).


Изглед на џилит

Фрлањето џилит влегувало во составниот дел од образованието на султановите ич-оглани (вид дворски пажеви). Џилитот-игра и денес е присутен во Анадолија а по балканските земји меѓу кои и Македонија била позната игра под називот “џилитење”. И денес, од постарите е останата фразата, за ситуации кога некои дрско и надмено се наметнуваат, дека тие “се џилитат”.

(Извори – O. Sermed Moukhtar “Musee Militaire Ottoman”, Istambul 1921; “Tarih Deyimler ve Terimleri”, Hamburger 1948)