Македонската националност во Бугарија
Мировниот договор со Бугарија од 1947 год., како и таквите договори со Италија, Унгарија и Романија, содржи императивни норми за забрана на дискриминација што би била заснована на раса, пол или јазик. Тоа е чл.2 кој гласи
Чл. 2
“1. Бугарија ќе ги превземе сите потребни мерки за да им се обезбеди на лицата под бугарска власт, без разлика на раса, пол, јазик или вероисповед, користење на човековите права и основните слободи, подразбирајќи ги тука и слободата на збор, печат и публикација, вероисповед, политичко убедување и собирање.

2. Бугарија, освен тоа, се обврзува, законите што ќе бидат во сила во Бугарија, како по својата содржина така и по својата примена, да не прават или предизвикуваат дискриминација помеѓу бугарските државјани врз основа на нивната раса, пол, јазик или вера, било во поглед на нивната личност, имот, професија, професионални или финансиски итереси, статус, политички или граѓански права или во кој и да е друг поглед”.

Положбата на македонското национално малцинство во Бугарија суштински се подобри во времето од 1945-1948 год., а особено по заклучувањето на Бледската спогодба помеѓу владите на ФНРЈ и НРБ во 1947 год.. Основа на ова подобрување беше согласноста на двете влади да подготват царинска унија, нов режим на двосопственички имоти, упростување на пасошките формалности и олеснување на преоѓањето на границата, проширувањето на железничките и патните линии помеѓу двете држави, решеноста “да ја развијат во најголема можност културната соработкапомеѓу народите на ФНРЈ и бугарскиот народ, а за која цел ќе се превземат мерки за олеснување на сите полезни иницијативи, како и на размената на литературни дела, списанијаи весници” и на крајот, откажувањето на Југославија од репарациите кои беа одредени во износ од 25 милиони долари со Мировниот договор од 1947 год.
Најголемиот дел од оваа сума се токму заради се она што Бугарите го правеа за време окупацијата во Македонија и врз македонскиот народ (помалиот дел за Србија.)

Во овој период, во Пиринска Македонија (НРБ) во училиштата се воведува настава на мајчин македонски јазик, се отвараат книжарници со македонски книги, работи македонскиот народен театар и отворени се други можности за изразување на македонската национална припадност и култура. За жал, ова траеше кусо. Во 1948 год. дојде до фамозната резолуција на Информбирото и познатите настани во меѓудржавните односи на источните земји и Југославија.

Димитровскиот период во положбата на македонското национално малцинство во Бугарија не се врати ни во периодите на релативно подобрување а меѓудржавната соработка, туку од бугарска страна се преоѓа на негирање на постоењето на македонското национално малцинство во Пиринска Македонија (НРБ), што се врши со принудни административни мерки при пописот на населението и низ раселување на населението и други мерки, па дури и дотаму се оди што се негира и самото постоење на македонската нација и јазик, и до територијални аспирации во Сан-Стефански дух, т.е до загрозување на територијалниот интегритетна соседната држава.

Укинувањето на правата за изразување на својата национална припадност најочигледно се забележува во податокот дека при пописот на населението до 01.12.1956 год. во НРБ, во Пиринска Македонија како Македонци се декларирале 178 826, а при пописот од 1965 год., со изјаснување на рубриката Македонец, овој број е сведен на само 8750, па така, “е избришано” постоењето на македонското национално малцинство во Пиринска Македонија (НРБ). Бугарија во своите официјални статистики не дава податоци за постоење на национални малцинства.

Затоа, кога на 6-то заседание на Комитетот на ООН за елиминација на расната дискриминација (CERD) е разгледуван бугарскиот извештај, повеќе членови барале Бугарија да го дополни својот извештај со податоци за демографската структура на населението и за неговата положба во образованието и културата, а членот на овој комитет Раџашбал Дајал изјавил: “дека му е познато како на бивш амбасадор на Индија во Бугарија, дека во Бугарија живеат Турци, Грци, Македонци и припадници на други етнички групи и малцинстава” и дека ќе биде корисно Бугарија, како мултинационална држава, да го извести Комитетот за превземените мерки со цел да се обезбеди непостоење на дискриминација. Комитетот прифатил дека во овој поглед е потребно дополнување на извештајот.

Така и при расправата за Извештајот на Комисијата за човековите права во економско-социјалниот совет на ОН во 1975 год., југословенскиот претставник го предупредил Советот за непризнавањето на постоењето на македонското национално малцинство во службените бугарски изјави и во Уставот од 1971 год., како и за одземањето на основните човекови права на малцинството (употреба на мајчин јазик, образование на тој јазик, развој на сопствана култура итн). Изнесувањето на тој проблем пред ОН го образложи со бројни неуспешни обиди и тој спор да го реши билетерално со бугарската влада.
Одговорот, пак, на бугарскиот претставник бил најдобра потврда за оправданоста на нашата интервенција. Петар Попов излагањето на југословенскиот претставник го нарекол “обвинение”, го порекнувал постоењето на македонското национално малцинсво во Бугарија, денес и во минатото, како и потребата тоа прашање да се расправа надвор од разговорите меѓу Бугарија и Југославија, а спомнувањето на Уставот на НРБ го нарекол напад на бугарскиот устав.
Слични ставови на бугарскиот претставник Бахнев се изнесени во Поткомисијата за спречување на дискриминацијата и заштита на малцинствата во 1977 год.

Бугарскиот став спрема македонското малицнство и спрема македонската нација не може да биде занемаруван не само поради тоа што македонија по уставот е должна да се грижи за судбината на Македонците во соседните држави, туку и поради одразот на таквата бугарска политика врз меѓународните односи.

Имено, негирањето на постоењето на македонското национално малцинствово Бугарија и на македонската нација воопшто се брши за да се поистоветат сите Македонци со Бугарите, а со тоа и да се појави претензија на Бугарија врз сите подрачија што се населени со Македонци. Таквите претензии, во кои отворено се споменува и Македонија, се изнесуваат отворено и неказнето во Бугрија, иако тие се спротивни на основните начела на современото меѓународно право, на правниот поредок на ОН и начелата на КЕБС (Конвенција за европска безбедност).


Сите победени држави по Првата светска војна – Австрија, Бугарија, Унгарија и Турција, освен Германија, беа принудени со меѓународени договори да се обврзат дека ќе ги обезбедат правата на малцинствата кои се наоѓаат на нивните територии. Бугарија со тоа се обврзува со Нејскиот договор од 1919 (чл.49-57). Исто така беа принудени и сојузничките земји – Чехословачка, Полска, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Поманија и Грција да потпишат меѓународни договори. Тие договори беа потпишани со сојузничките и здружени сили на САД, Велика Британија и Италија. До ова дојде по барање на големите сојузнички сили, поради фактот што овие држави ги зголемија своите територии, па со самото тоа добија и многу национални малцинства.