За светата тајна, брак
Бракот е света или ”голема тајна“ (Св.Павле – Ефес. 5, 32), бидејќи претставува единство помеѓу мажот и жената кое не може да се оправда самото по себе, бидејќи тоа не е единство кое е затворено во земското.
Св. Јован Златоуст за светат тајна, брак
|
Тоа е единство кое ги надминува состојбите на овој свет и се отвара кон векот што доаѓа. Св. Јован Златоуст вели: “Бракот не е образ на нешто земско, туку на небесното“.
Според Библијата, жената не е само “помошничка“, туку онаа која “кореспондира на мажот“. Ќерката божја стои пред синот Божји, лице в лице-едниот го комплетира другиот. Св.Павле вели: “Во Господа ниту е жената без мажот, ниту мажот без жената“ (1. Кор. 11,11).
Кога пак Св.Павле вели за потчинување на жената кон мажот тоа најмалку е онака како што сакаат некои феминистички и т.н.р “демократски” умови да го прикажат зашто тоа не е едноставно потчинување кон физички посилниот пол. Мислата на Св. Павле е јасна, кај него жената е потчинета на мажот на ист начин како што Црквата му е потчинета на Христа (сп. Ефес. 5, 22-24), т.е. само кога мажот ВИСТИНСКИ го претставува Господа, при што е подготвен да го даде и животот свој за жената. Тука “потчинувањето“ постои само кога има потполно меѓусебно самопредавање и целосна доверба, па треба да се сфати од перспективна на царството Божјо. Кога односите постигнуваат таков небесен одек, тие повеќе не подлежет на буквата на законот.
Во таквата духоносна (“pneumatophoros”) љубов, потчинувањето како закон, повеќе не значи ништо. Уште помалку значат и се основен критериум земските закони за кои се фаќаат сопружниците при долгите бракоразводни парници или пак кога и во бракот влегуваат со “математика” па прават “предбрачни договори”. Јасно е дека таму нема вистинска љубов, таму е се “математика” и дека едниот е земски потчинет на другиот (побогатиот). Но и тој-потчинетиот има своја математика и трпи се што му наметнува побогатиот сопружник, до момент кога тоа повеќе не може или кога создал свои поволни услови да ги смени работите во своја корист. Како и да е и од ова површно прочепкување јасно е дека тука се влегува во свет полн со недоверба, интриганство и зломисление што е целосно спротивно на бракот разбран во духовна и Божја смисла, бракот како света тајна.
|