Македонците и воената кола, двоколка
Воената кола (бојна кола) двоколка со коњска влеча се употребувала како борбено средство во Стариот век. Се јавува рано, со првата употреба на коњот на воиштето.
Воената двоколка кај македонските кралеви
|
Првин, се забележува во Египет во време на Новото царство, по наездата на Хиксите кои ги носат коњите во долината на Нил. Веќе Тутмес III има вакви воени коли во битката кај Мегида околу 1479 год. п.н.е. Се претпоставува, дека староведските Индијци и Кинезите ги имале и порано. Подоцна се употребуваат и во Предна Азија, кај Критјаните (Микенците), Грците, Етрурците, Македонците и Галите.
Со конструкцијата, сите воени коли се двоколки, повеќето двозапрежни и се слични. Во основата се состоеле од отворен сандак поставен позади на осовината на чии краеви се тркалата. На сандакот, однапред и одоздола, била прицврстена рудата која постепено се издигала за да нејзината попречна грана, прицврстена на крајот, ја достигне висината на коњските вратеви. За запрегнување служеле кожните амови кои го врзувале врвот на рудата (граната) за основата на колата (сандакот). Поедини делови од двоколката биле пресвлечени во метал или кожа, понекогаш и со повисока уметничка декорација.
По македонските археолошки локалитети денес се се почести наодите од вакви двоколки дури и со се коњската запрега, некои и со најфина уметничка изведба што ја потврдува нивната повеќе парадна или статусна подоцнежна функција (но и патролна, курирско-известителна и сл. намена).
Со интезивирањето на ископувањата во Македонија излегоа и бројни наоди од антички кочии
Од посадата овие двоколки покрај возарот обично имале уште еден до два војника. Во борба, дејствувале стоечки со фрлачко оружје, најчесто со стрели, а понекогаш и со џилити. За да можат да оддржуваат рамнотежа на сандакот, а и полесно да се симнуваат и качуваат, понекогаш околу сандакот имало и ограда. Египетските пак двоколки биле толку лесни што во случај на потреба еден човек можел да ги понесе на грб. Нешто потешки биле двоколките на Асирците.
Воената двоколка е присутна уште кај Асирците
Воените двоколки се претходница на коњицата. Тие значат прв историски забележан обид на човекот, брзината на коњот да ја искористи за војна. Со нив значително е зголемена подвижноста на војската на воиштето. Можеле да послужат и за удар, особено ако на главчините од тркалата биле наместени ножеви и српови (како што против македонската фаланга Дарие III особено кај Гавгамела пушта масовно вакви двоколки). Но и таму а и на останатите битки македонската коњица лесно ги потискува зашто посадите од двоколките не можеле да се служат со блиското оружје како коњаниците од македонската фаланга. Токму Македонците ќе стават крај и на оваа средство како дотогаш помасовно борбено, од тогаш се употребува само во многу ограничени и другонаменски потреби.
Речиси сите јунаци од тројанската војна се борат од двоколки
Инаку, двоколките се спомнуваат и во “Илијада” каде сите позначајни воини – Тројанци и Ахајци и нивните сојузници (па дури и боговите), се борат од двоколки. Како и да е откога ја отслужуваат својата историска улога како борбено средство кое во новото време во однос на македонските борбени иновации се покажува како далеку нерамноправно, тоа не е повеќе борбено средство. Не е ниту под Рим, Цезар на пример ги затекнал уште кај Галите во Британија во I век п.н.е. Лично тој наведува како Келтите се симнувале од двоклките за да се борат пешки.
Сепак кај Персијанците тие се нешто понаменски. За да нанесуваат подиректна штета на противничката војска самите коли одошто посадата која е на нив, Персијанците ги опремуваат со српови и слични средства. Уште Ксенофон ги опишува од битката кај Тимбра каде 300 двоосовински возила од кои стрчеле српови прицврстени на главчините, биле употребени кон персискиот противник. Посадите им биле заклонети зад огради (4-5 луѓе) наоружани со лакови, џилити, копја и мечеви. Оваа српоносна кола (“curus falcati”), со четворна запрега, имала задача да го разбие збиениот противнички борбен поредок. Улогата на овие коли најдобро ја гледаме во битката кај Гавгамела (331 год. п.н.е) кога се употребени против македонската фаланга. Овие персиски коли имале за задача да ја разбијат македонската фаланга против која Персијците биле немоќни.
При судирот со македонската фаланга Персијците принудени да слегуваат од воените коли и се борат како пешадија
|
Но, овие коли можеле да се употребуваат само на делови од боиштето кои се рамни, за разлика од фалангата која лесно се прилагодувала со најразлични брзи престројувања сходно конфигурацијата на земјиштето. Квин Куртие наведува и дека срповите можеле да се симнуваат и заменуваат, што Персијците и го правеле при битките со Македонците но безуспешно. Нивната главна незгода била во тоа што падот на коњот, макар и еден, можело лесно да ги исфрли од борба. Коњите можело и лесно да се заплашат и да се оттргнат од правецот што повторно Македонците го употребуваат при овие битки.
Исто така бидејќи овие коли се употребувале и без запреги кога се спуштале по стрмни падини, не можеле да се запрат и биле без никаков ефект ако не дојдат во близина на војската да со срповите направат неред по неа. Така, кога Персијците се спуштиле на повеќе правци против најизвежбаната војска на тоа време македонската фаланга, оваа дисциплинирано и без паника се збива и отвара повеќе празни појаси низ кои безуспешно и без да можат да се запрат протатнувале залетаните коли. Нивните посади при тоа и потоа лесно биле убивани од страничните копја на Македонците. Со ова Македонците ја запечатуваат судбината и на ова милениумско борбено средство и ќе го избришат од историјата како такво.
(Извори – A.Bauer “Die griechischen Kriegsaltertumer”,Minhen 1893; Pauly`s Real-Enzyklopadie der klassischen Altertumswissenschaft, VII t.,стр.2366; “Vojna enciklopedija”, Beograd 1958, str. 706-707)
|