Само “најхеројот” Тито кажува кој може да е херој
 Големиот број ордени, медали, подоцна разни плакети, ленти и слични одличија на чие обликување работи Аугустинчиќ, се за духовно да се хранат масите кои со тоа полесно би издржале во пустелијата по војната но и многуте нови законски акти на новиот систем.
Повисоко наградените пак како привилегирани ќе треба да ги вршат беспоговорно и со елан и највалканите работи на новата владеачка клика, при сето тоа.

И како што Наполеон пред Москва немајќи друг поттик во суровите услови им исподели илјадници ордени на трупите, а одговорајќи на сугестијата дека се тоа само обични играчки ќе рече: “Да, но играчките ги водат луѓето“, така и Тито свесен што се предстои за разрешување, трга со истиот метод на поттик. Ова колку и да изгледа небитно, сепак ќе се покаже како далекусежен потег, особено во предстојните дорасчистувања со четничко-балистички, усташки и др. квислиншки остатоци, но и во зацврстувањето на својот личен култ (како и во судирот со Сталин подоцна, и.т.н.)


Покрај новите закони маршалот пропишува и нови одличија

Оваа Титова далекусежност уште повеќе се потврдува на пример уште од звањето “Народен херој на Југославија” востановено во екот на првите пожестоки борби, што укажува дека и тогаш се водело сметка за вакви средства на поттик. Така, ова звање е востановено со одлука на ВШ на НОП и ДВЈ (доброволечка војска на Југославија) во првата половина на јануари 1942 год., додека “Орденот народен херој на Југославија” е востановено со Указ за одликување на НОБ со одлука од ВК на НОВ и ПОЈ од 15 август 1943 год.

Тие (но и сите други одличија) постепено добиваат своја материјална форма со леењето и доделувањето ордени и медали а во децениите комунизам сиот овој сегмент на поттик ќе се доразвива со многу нови форми. Тогаш и најбројните - работните маси, се организирани во контролирани работнички управни одбори по државните претпријатија, кои ќе имаат и такви синдикални раководства и кои заедно предлагаа “докажани другари” за ордени, медали, плакети, ленти, пофалби, признанија и какви не одличија кои им даваа уште поголем поттик на наградените да работат како што увиделе дека треба.


И изградбата на новата држава бараше ударнички одличија

Тоа време ќе е време на ”херојство”, па покрај Народен херој, Ордени и медали за храброст, имаше и за работнички херојства и јунаштва како Орденот “Јунак на социјалистичкиот труд”, “Орден на трудот со златен венец “,“Орден на трудот со сребрен венец “, “Медал на трудот “ и.т.н . Но посебно е интересна стратегијата на Тито за цели региони преку одликувањето поважни нивни градски центри да се прогласуваат за – “Град херој”, да се поттикнуваат а всушност за својот личен култ. Кај нас во Македонија единствен таков “Град херој” беше градот Прилеп (прогласен на 07 мај 1975 год.). Се разбира градовите-херои ги прогласуваше лично “најголемиот и најхрабриот” – другарот Тито заштo од него и цел град “не можеше” да биде похрабар!

„Најхеројот“ и маршал Тито го прогласи единствениот град од Македонија, Прилеп за град херој на 07 мај 1975 година

Никој и не се прашуваше дали на пример самиот град Прилеп не даде стотици свои граѓани борци-херои кои поведоа од првите месеци вооружена борба, град кој претрпе невиден терор, пљачки и сл. не мали жртви низ периодот на окупација со што и вистински стана град-херој. Всушност, самите Прилепчани херојски востанаа, се бореа и страдаа во услови кога најсилната фашистичка империја покори и вековни европски Големи сили. Тие се вистинските херои зашто не дојде Тито да ги ослободи, но самите востанаа и се ослободија попат оставајќи неброени свои жртви.

Не, таа вистина никој не ја следеше подоцна во времето на комунизмот со кој беа веќе опиени, сите беа горди дека “неговата херојска светост”другарот Тито го овозможил херојството на Прилеп (?!). Со оваа “магла“ и вешта логичка пренасоченост, Тито си го градеше култот на личноста насекаде низ комунистичка Југославија.

Орден на слободата
Орден народен херој
Орден на Републиката со златен венец
Орден Народна армија со ловоров венец
Орден заслуги за народ со златна ѕвезда
Орден за храброст
Медал за храброст
Медал заслуги за народ


Дел од арсеналот комунистички одличија како мотивирачки средства