Агрономијата во Македонија од почетокот на XX век

Во почетокот на XX век во Македонија како дел од турската империја не постоеле услови за поттик на унапредување од застарениот начин на земјоделско производство.


Од Македонија, империјата црпи големи количини артикли но под крајно сурови и тешки услови.
Сепак се јавуваат првите случаи кои се повеќе под влијание на странски интерес одошто на самата власт. Влезот во XX век го означува и отварањето на Градинарско-цвеќарското едногодишно училиште во с. Трубарево близу Скопје како и Сточарската станица за ученици основана нешто подоцна во 1908 год. во Битола.

Овие училишта кога Македонија паѓа под српска власт како установи прераснуваат во нижи земјоделски училишта и тоа – Сточарската станица од Битола во 1912 год. а Градинарско-цвеќарското училиште од Трубарево во 1914 год.

Научно истражувачката работа во областа на агрономските науки започнува меѓу двете светски војни со изведба на разни демонстрациони огледи по расадниците на нижите земјоделски училишта кои се обновени по I светска војна но и во новооснованите како она во Тетово од 1928 год.

Младите агрономи од Македонија

Првата научна установа е Огледната станица за тутун во Прилеп основана 1924 год. која нешто подоцна во 1936 год. прераснува во Институт за тутун. Во 1927 год. е основан и Агроботаничкиот отсек којшто прераснува во Огледна и селекциона земјоделска станица во 1929 год. т.е подоцна во 1937 во Земјоделска огледна и контролна станица со две огледни полиња.

Во селото Р,жаничино, близу Скопје, Земјоделско-шумарскиот факултет од Белград-Земун ја основал Огледната станица неколку години пред почетокот на II светска војна (1937/38 год).
Меѓу двете светски војни се одбранети три дисертации со теми од Македонија ( култура на тутунот, селекција на пќеницата, педологија). Главни достигања во ово период се резултатите на педолошките истаржувања (А. Стебут, Д.Тодоровиќ, В.Нејгебауер), новите сорти на тутунот (Р.Горник) и на оризот (Л.Бабамов), потоа резултатите од сортните огледи со памукот (Б.Рогановиќ).

Првиот научен труд е објавен 1928 год. (А.Стебут со соработниците); потоа се објавени околу 30 научни трудови, а научни работници имало помалку од десетина.

( Извор – “Енциклопедија на Југославија” – издание на македонски јазик, Југословенски лексикографски завод Загреб 1983 год.; “Агрономија – Македонија, СР” стр. 70-72 )